Чудни сме ние луѓето. Сакаме да бидеме сакани и почитувани, а многу малку знаеме да почитуваме и да сакаме. Многу сакаме кога ни се поклонуваат, па се помалку бираме средства за да дојдеме до можност свирепо да потчинуваме. Ерозиравме до тој степен, па катадневно сме фокусирани на најразлични тривијалности кои тотално го уништуваат нашето содржинско суштествување. Очекуваме многу од многумина, а најмалку од нас. За сите наши неуспеси и хронична летаргија по дифолт пронаоѓаме виновник, а малкуте лични успеси ги присвојуваме како исклучиво наша креација. Зошто сме толку лицемерни и апатични?!
Се загубивме во нашата опсесија за поседување и за поврзување со материјалните и непостојаните облици, а нашата суштина ја соблековме на буниште – небаре, како змија својата кожа. Се разградуваме и таложиме како токсичен отпад ширејќи ја наоколу нашата неподнослива смрдеа и апатија. Емпатијата умешно ја дефинираме, но неумешно ја живееме. Солидарноста ни е блиска само кога рекламирањето од неа до небеса ќе го подигне нашиот публицитет и ќе го залула нашето егоистично либидо. Хумани сме само “мило за драго”, а нашата толеранција ја продаваме како килограм костени на кванташки.
Слушаме за да одговориме, а не за да слушнеме. Учиме за титулите, а не за вештините и за да научиме. За тотално небитни ступидности наоколу “бучиме”, а од “бурата” во нас несвесно создадовме “мртво море”. Но, без бура – нема ура, а без труд – нема продукт!
Лабилни сме како ламба при земјотрес, а тежнееме да управуваме со останатите. Чезнееме кон подобри светови, а не сме подготвени да го напуштиме овој свет во кој сме укочени како старец на промаја. Гориме бавно како свеќа, а пламенот е нашиот тотем. Пламенот, кој е млак и само што не изгаснал. Па, како да се придвижиме напред, кога не сакаме да се менуваме?! Кога сакаме да гориме тивко, меко и несреќно… Како?
Постоиме во взаемност, како рефлексија на нашите релации и на отвореноста да се почуствува битието на другиот. Па, чуму тогаш се плашиме да ја подадеме нашата рака? Чуму не прифатиме дека сме си неопходни едни на други и дека само новата синергија отвара и осветлува нови хоризонти. Само таа зрачи и значи напредок. Чуму?
Наместо везден да се попрскуваме со босилек како би се заштитиле од лицемерието на другите, да пробаме барем на момент да се отвориме и да се почувствуваме. Најдобар лек за апатијата е емпатијата. Најефикасно антитело против лицемерието е да престанеме да бидеме лицемерни. Не можеме – ниту пак некогаш ќе можеме нешто да поседуваме. Можеме да халуцинираме дека доминираме, а патем само да се задушиме во сопствените клопки врзувајќи се слепо за непостојаните облици.
Ајде: – да се обидеме да се почувствуваме со нашите собраќа, разменувајќи ги нашите знаења, вештини, идеи и креација без разлика на нашето шаренило; – да го победиме стравот, и да го уништиме чипот дека сме родени за да бидеме водени; – да покажеме отвореност, без страв дека ќе бидеме загорзени и дека попат ќе загубиме нешто што мислиме дека ни припаѓа, иако во суштина тоа воопшто не е наше; – да го погребаме гневот, наместо инертно да се бориме само со гревот; – да патуваме низ овие лавиринти на неспокојот во потрага по спокојот и со нашите енергии да произведеме нови синергии – имајќи на ум дека и ѕвездите понекогаш се судираат, но од тоа се создаваат нови светови!
Пишува: Перо Костадинов


