Русија ќе ги награди освојувачите на златните медали на Зимските олимписки игри во Сочи со 122 илјади долари, соопшти денеска владата на оваа земја.
Предвидени се високи парични награди и за руските натпреварувачи кои ќе успеат да стигнат до сребрениот и бронзениот медал.
За освоено второ место и сребрениот медал наградата е дефинирана на 76 илјади долари, додека „бронзата“ ќе вреди 46 илјади долари.
Со овој потег Владата на земјата домаќин на ЗОИ следната година, сака дополнително да ги мотивира своите репрезентативци и да биде поправен впечатокот од Игрите пред четири години во Ванкувер (Канада) кога Русите го имаа најлошото издание во историјата на Олимпијадите со само 15 освоени медали и 11.место во генералниот пласман на земјите освојувачи на одличја.
Зимските олимписки игри ќе се одржат во Сочи од 7 до 23 февруари 2014 година.


