Богоев: Со грант од Кореја ќе добиеме податочен склад и систем со вештачка интелигенција за откривање погрешно декларирање стоки

„Со грантот од Република Кореја ќе се имплементира податочен склад и систем со вештачка интелигенција кој ќе ги влече податоците за оние декларации каде има висок ризик од погрешно декларирање на вредноста на стоката. На пример, ако имаме случај кога при пораст на цени на горива, фирма што во континуитет увезува дизел гориво одеднаш врши увоз на базно масло, тогаш системот што ќе го имплементираме со овој грант, ќе алармира дека тој случај треба да се разгледа“ изјави директорот на Царинската управа, Стефан Богоев во интервју за „24 инфо“.

Тој кажа дека со Република Кореја е потпишан меморандум во чиј рамки се доделени 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за анализа на ризик и податочен склад.

„Во рамки на посетата на Корејската царинска служба, лично видовме како функционира еден ваков систем во една модерна царинска управа. Важно е да се истакне дека доделувањето на грантот од 4,8 милиони долари следеше по неколку месечна анализа на работењето на нашата управа, по што беше одлучено дека како лидери во регионот, грантот треба да ни биде доделен токму нам како Царинска управа на РС Македонија. Ова беше причината да потпишеме нови меморандуми за пристап до дополнителни 10 милиони долари за развојни проекти“ рече Богоев.

Директорот на Царинската управа исто така кажа дека ќе се унапредуваат и царинските постапки во прекуграничната е-трговија, област во која Царинската служба на Кореја има огромно искуство.

„Прекуграничната е-трговија се зголемува во огромни размери, поради што потребно е унапредување на политиките се со цел остварување поголеми приходи и поголема безбедност. За граѓаните е значајно што ваквите политики ќе придонесат за намалување на административните трошоци за обработка на царинските декларации од страна на поштенските оператори, а ќе се скрати и времето за испорака. Едноставно кажано, граѓаните ќе добијат повисоко ниво на услуги, со што ќе се реши предизвикот во делот на наплата на дополнителни трошоци, односно индиректни трошоци што се наплатуваат при царинењето“ рече Богоев.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести