Богоев: Ветивме просечна плата од  600 евра, сега таа е и повисока, просечната пензија порасна за 50, а минималната плата за 100 отсто

„Ветивме просечна плата од 600 евра, во моментот просечната плата е повисока од тоа. Просечната пензија ја зголемивме за 50%, додека минималната плата ја зголемивме за 100%. Целта на СДСМ е подобар животен стандард на граѓаните, затоа во услови на криза, изминатите три години преку деветте пакети на антикризни мерки вративме 2.6 милијарди евра назад кај граѓаните и компаниите“ рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во интервју за „24 инфо“.

Тој додаде дека ладата предводена од СДСМ со последниот пакет на антикризни мерки кај граѓаните и компаниите враќа 662 милиони евра, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со проектот „Скопје 2014“ потроши исто толку пари на стиропор.

„На изборите граѓаните ќе треба да одлучат помеѓу два концепти. Едниот, предводен од СДСМ, кој води кон европеизација и другиот предводен од ДПМНЕ и Левица кој води кон изолација. Европскиот пат е одговор на предизвиците со кои се соочуваме денес. Пристапот до европските фондови значи нова механизација за земјоделците, темелни реформи во судовите и обвинителството, инвестиции во модернизација на болниците, патиштата, училиштата и градинките. Овој концепт значи повисоки плати, пензии и подобар животен стандард. Крајна цел на концептот на европеизација е достоинствен и нормален живот во Македонија, повеќе правда, инвестиции и работни места во државата“ рече Богоев.

Потпретседателот на СДСМ рече дека концептот на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица се залага за сосема спротивното – поклопени судови, замолчени медиуми, мизерни плати и пензии.

„ДПМНЕ и Левица сакаат да нѐ вратат во времето на режимот на Груевски каде што младите вадеа бугарски пасоши за да заминат од земјата, бевме скарани со соседите и изолирани од светот. Граѓаните ја препознаваат и оваа разлика и затоа сум сигурен во двојна победа на изборите на Европскиот фронт“ рече Богоев.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести