Боксерскиот тренер на Самоа почина во Олимпиското село во Париз

Боксерскиот тренер на Самоа, Лион Елика Фатупаито, почина во Олимпиското село во Париз, јавува „Франс прес“.

Фатупаито бил во својата соба со еден од претставниците на Самоа кога околу 10:20 часот му се слошило, изјавил полициски извор.

И покрај брзата реакција на пожарникарите и брзата помош, тој починал од „природна смрт“ – соопшти обвинителството.

Вкупно 24 спортисти ќе ја претставуваат Самоа во девет спорта во француската престолнина, а нивните натпреварувачи со заедничка молитва му оддадоа почит и на Фатупаито пред свеченото отворање на Олимписките игри.

Репрезентацијата на Самоа ќе има еден боксер на Олимпијадата – Ато Плоџицки-Фаоагали е пријавен во категоријата тежина до 81 килограм.

Меѓународната боксерска федерација (ИБА) изрази „срдечно сочувство до семејството, пријателите и колегите“, преку соопштение за медиумите на својата веб-страница.