Бошковски: Поголемиот фонд на играчи и голманот беа пресудни за исходот на дербито

Тренерот на Вардар Андон Бошковски на прес-конференцијата по завршувањето на синоќешното дерби од Лигата на шампионите со Металург изјави дека неговиот тим заслужено победи, а како главни причини за успешниот резултат ги наведе  поголемиот број на квалитетни ракометари со кои „црвено-црните“ располагаат во моментов и изданието на голманот Страхиња Милиќ.

– Победивме голем противник, пред се бидејќи имавме повеќе играчи во ротација. Но, ќе истакнам дека голманот Милиќ беше „клучот“. Колку подобар голман толку полесно се победува. Денеска ние сме победници и се радуваме, но ни престојат уште дуели со Металург и не е се готово, истакна Бошковски.

Страхиња Милиќ со 14 одбрани беше еден од најзаслужните за победата на македонскиот шампион.

– Честитки за Металург за играта. Денеска победи подобриот, а нов дуел ќе имаме за 10 дена.

Од таборот на Металург го признаа поразот.

– На Вардар му ја честитам победата. Денеска беа подобри и победија. Тие повеќе ја посакуваа победата, а ние игравме како ним им одговара. Беа поконцентрирани и го признавам поразот, рече тренерот Лино Червар.

Според Ацо Јоновски борбеноста на вардарци им го донесе триумфот.

– Тие влегоа со студени глави и ни покажаа како треба да се бори. За 10 дена имаме прилика да се поправиме и да освоиме 2 бода, изјави македонскиот репрезентативец во дресот на Металург.

Натпреварот Металург – Вардар се играше од 5.коло на Ц групата во ЛШ и заврши со победа на Вардар од 27:22.

Најчитани вести