Се вели дека „Вистинската цел на едукацијата е да создава умови а не кариери“ како и „Подобро подоцна, отколку никогаш“.
По трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 млади лица, а над 100 се повредени, едно училиште веднаш спроведе едукативна активност за однесување во кризни ситуации. Станува збор за Основното училиште „Ванчо Китанов“ – Пехчево, кои веднаш забележаа што недостасува во програмата и организираа обука за однесување во кризни ситуации – посебно при пожар.
Како што наведоа во нивната објава на социјалната мрежа Фејсбук активноста е спроведена од страна на Пом. командир Елена Спасевска и УПС Даниела Чочовски од ПС од ОН „Берово“, во соработка со ЈЗУ Пехчево и волонтерите на Црвен крст – Берово.
„Учениците имаа можност да се запознаат со правилното однесување во услови на пожар, техники за совладување на паниката и безбедна евакуација. Исто така, им беа претставени и законските одредби за присуство на малолетници во угостителски објекти.
Преку практични симулациски вежби, докторката Даниела Капушевска и волонтерите од Црвен крст – Берово на учениците им покажаа постапки за безбедна евакуација и правилно реагирање при итни случаи“, појаснија тие.
Пред нешто повеќе од еден месец ова училиште во нивните простории пуштија во употреба лифт за инклузија на учениците со посебни потреби.
„Оваа инвестиција е уште еден доказ дека сме посветени на создавање модерно и инклузивно училиште, каде секој ученик ќе има еднаква можност да се развива и напредува.
Покажуваме дека инклузијата не е само збор, туку дело што сите заедно го поддржуваме. Таа е наша заедничка обврска, а овој лифт е доказ за нашата посветеност да ги поддржиме учениците со посебни образовни потреби“, објави тогаш ООУ „Ванчо Китанов“ од Пехчево.


