Бурата „Клаудија“ однесе три човечки животи во Португалија

Три лица загинале, а десетици се повредени во Португалија како последица на временските непогоди што ги предизвика бурата „Клаудија“, која денеска зафати и делови од Велика Британија и Ирска, пренесуваат светските медиуми.

Според агенциските извештаи, спасувачките екипи во четвртокот ги пронашле телата на повозрасен брачен пар во нивниот поплавен дом во местото Фернао Фер, во близина на Лисабон, покрај брегот на реката Тахо. Се верува дека тие спиеле и не можеле да се спасат додека нивото на водата почнало нагло да расне во текот на ноќта.

Службите за итни случаи во Португалија денеска објавија дека торнадо ја погодило областа Албуфеира на југот на земјата, а од снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како тоа уништува камп.

Шефот на регионалната служба за цивилна заштита, Витор Ваз Пинто, изјавил дека во торнадото загинала 85-годишна државјанка на Велика Британија, додека 28 лица сместени во хотел во близина се повредени. Од нив двајца биле хоспитализирани поради сериозноста на повредите.

Португалската метеоролошка служба (ИПМА), како што пренесува ХРТ, го ставила целиот регион Алгарве и окрузите Беха и Сетубал на второ највисоко ниво на тревога.

Поплави предизвикани од бурата „Клаудија“ ги погодија и Велика Британија и Ирска, а според извештаите најкритично е во Велс и Англија каде спасувачките служби организирале евакуација на населението во погодените места.

Ситуацијата е најлоша во градот Монмут во Велс, каде што нема електрична енергија и чии жители се евакуираат.

Службите за итни случаи синоќа и денеска наутро биле распоредени на повеќе места низ цела Англија каде надојдените води ги претвориле улиците во реки.

извор: 360stepeni.mk

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести