Цената на нафтата надмина 100 долари за барел, првпат од руската инвазија на Украина во 2022 година, пренесува СиЕнЕн. Главна причина за растот на цените се стравувањата дека војната во Иран може долгорочно да ги наруши испораките на нафта од Блискиот Исток.
Фјучерсите на американската сурова нафта пораснаа за 14,7%, додека голбалниот репер „Брент“ се искачи за 12,64% и достигна цена од 104 долари за барел.
Во меѓувреме, просечната цена на бензинот во САД достигна 3,45 долари за галон, што е зголемување од 16% во споредба со претходната недела.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ги смири стравувањата дека воената кампања на САД и Израел против Иран ќе има долгорочни последици врз цените на горивата. Трамп изјави дека поскапувањето е „мал проблем“ и „привремено“.
Американскиот секретар за енергетика Крис Рајт изјави дека САД не планираат напади врз иранската нафтена индустрија или друга енергетска инфраструктура.
Од иранска страна, висок функционер предупреди дека конфликтот влегува во „нова фаза“ по израелските напади. Според него, Иран може да возврати со напади врз енергетската инфраструктура во регионот.
Тој додаде дека Иран нема да се откаже од контролата врз Ормускиот теснец се додека не ги постигне своите цели.


