Приметувам еден детаљ кој навидум изгледа бенигно – груевизмот – вклучително и целата сурија поддржувачи, појма немаат зошто СДСМ и опозицијата во целина се нивни политички неистомисленици; уверен сум дека тие напросто немаат никаков привид во своите глави што би требало да бранат. Освен, се разбира, „достоинството“ и „честа“.
Може слободно и непречено Груевистите да лупетаат во своите „чаршии“ и „кулиси“, комунизмот во Југославија, а во тој образец ја ставам СДСМ и опозицијата генерално, беше уреден систем, со развиени, добро засновани етички принципи и’ со платонско уважување на културата, уметноста и литературата. Да не’ се заборави еден ноторен факт, освен што беше негов личен пријател, Мирослав Крлежа за Тито беше најголемиот писател на овие простори. (Еднаш, многу одамна, објавен е список на книги од Титовата библиотека додека делувал во илегала; книги кои ги „тегнел“ со себе од стан во стан. Таквиот список го создала југословенската кралска полиција, а на тој список, покрај книгите на Крлежа, била книгата на Хенри Бабусе – „Огањ“.)
Живо ме интересира дали нашиот патриотски „поглавица“ нешто чита? Чита ли книги Груевски? Од гестовите за патриотизам, политиката, спинот и парите, како и насилничкото однесување, има ли нешто ново „под сонцето“ на груевизмот? Дали можеби Груевски го исчитувал тривијалниот Пауоло Коељо? Замислувам, ако човек како него, кој во секој втор збор употребува „чистење“, тогаш се прашувам дали од толку многу чистење, можеби пак, неговите поддржувачи нешто читаат? Или можеби сите тие колективно се имаат „исчистено“ од книгите? Знаете, на секој човек, дури и на оние за кои велиме дека „не се баш бистри“, дури и тие имаат потреба од културна самоидентификација. Како тоа го нема, груевистите културната самоидентификација ја користат за „трлање“ и „митарење“ со народните маси, чат-пат пиење пиво, гледање фудбал, јадење чоколада, демек „груевизам со човечко лице“, а погледите директно кон месечината.
Кога човек размислува, од една голема наднационална држава Југославија, груевизмот ја отера Македонија во „вражју матер“; вклучувајќи го и бедниот привид и нарација против социјализмот и македонската транзиција.
Дали може сега да ги видиме творците? Дали сега може да ги видиме разликите? Ги воочуваме ли профилите на луѓето? Ја гледаме ли разликата на творците на системите кои едните го читаа Крлежа, дури и кога не би го разбрале, и системите на оние кои го читаат Александар Македонски, најголемиот антички дивјак во излудената светска историја која е подложна на мистификација, манипулација, историја која освен што е преполна со урлање и бес, реално претставува лук и вода.
Изминативе години, ние реално, ништо не знаеме за тој човек по име Никола Груевски; не знаеме што сака, не знаме на кој политички светонадзор припаѓа, не знаме кои се негови омилени автори и книги; ние не знаеме дали тој човек воопшто нешто читал? Ако мене ме прашате, тој човек за мене е нестварен, нереален; тој човек за мене е неспоива и непозната енигма.
За мене, денес, после десет години, најинтересно прашање за Македонија под чизмата на груевизмот е: како се произведе сиот тој олош, како груевизмот ја создаде таквата пизма меѓу луѓето? Ме интересира кој на тие ѓубриња им дозволи, кој им даде можност да ја трансформираат не’ само својата и нашата иднина, туку и сопствената, приватна иднина? Затоа што кога ги слушам пак, блиските луѓе на Иванов, оние таканаречни „луѓе од академскиот свет“ како дрдорат за Тито исклучиво како за диктатор, а сите тие, на овој-или-оној начин потекнуваат од партизански фамилии, па дури и одат потаму: антифашизмот да се одвои од комунизмот, велат, па потоа кажете ми, како човек да верува на вакви луѓе? Јас не можам да им верувам, не затоа што крадеа, не затоа што пљачкаа, дури не затоа што убија една земја во своето сеќавање, туку затоа што таквото нивно мислење за мене значи дека тие мене ме уценуваат, што значи дека не можам за минатото да мислам и зборувам онака како што мислам дека треба да зборувам, туку мојот говор е одреден од состојбата на иритација од она што околу мене се случува, што значи од таканаречената сегашност. Притоа, тие мене ме навредуваат, прават од мене да се чувствувам како последна будала, затоа што Груевски и Иванов, провинциски „билмези“, без нарочита памет и талент, со своите изјави директно ме провоцираат во глава.
Уценет сум да мислам на идиотскиот Александар Македонски, серизоно, темелно и со внимание, како што нашите некогашни другари комунисти мислеа сериозно, темелно и со внимание за Мирослав Крлежа, бдеејќи над неговите (не)проникливи есеи, уверени дека еден ден, кога ќе умеат Крлежа да го разберат, за нив ќе настапи комунизам. И да ви кажам отворено – не ми е грижа воопшто што „недоносените“ груевистички македонци мерка на вредност им е Груевски и Иванов; и нека им се, ама зошто мене ме убедуваат дека треба да бидат моја мерка на вредност? Мора и треба да биде поинаку, без разлика што нивниот таканаречен „народ“ им е одлучно глупав.
А, пак, се знае ли што Ѓорѓе Иванов чита? Никогаш не сум го фатил да беседи за литература, филозофија. Нели тој човек доаѓа од некакви политолошки науки? Кога ги слушам овие двајца „дилбери“, се убедувам себе дека Македонија мора и може подобро, поинаку, со поголем ум, талент и елан, бидејќи ако ги третираме цело време Груевски и Иванов, тоа повеќе говори за денешното Македонско општество отколку за овие двајца несреќници. Ако даде Бог, оној на кој цело време се повикуваат, верувам дека овие двајца во иднина ќе имаат повеќе време за себе, што значи ќе можат да читаат. Ако даде Бог. Измеѓу четири sида.
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


