Република Српска го усвои Правилникот за дополнителни барања за пласирање на пазарот производи што содржат палмино масло и други растителни масла и масти, со кој се воведуваат построги правила за означување и продажба на производи што имитираат млечни производи.
Правилникот се однесува на производи во кои млечната маст е делумно заменета со растителна маст, како што се одредени сирења и намази, како и пекарски производи полнети со такви состојки.
Според новите правила, ваквите производи ќе мора да бидат јасно означени со посебна графичка етикета со предупредување: „Не е 100% млечен производ“ и „Содржи палмино масло и друго растително масло“.
Етикетата ќе биде правоаголна во форма со црвени рабови и истакнати црвени букви, и ќе мора да биде поставена на видливо место на пакувањето, до цената или веднаш до производот.
Правилникот забранува употреба на имиња и маркетиншки термини што би можеле да ги доведат потрошувачите во заблуда дека станува збор за млечен производ. Имиња како „сирење“, „растително сирење“, „аналог на сирење“, „вид сирење“, „стил“, „а ла“ и слични изрази, како и фотографии и слики што потсетуваат на млечни производи, повеќе нема да се користат.
Продавачите ќе бидат обврзани да ги чуваат производите што содржат палмино или друго растително масло одделно од млечните производи во ладилници и на полици, за да можат потрошувачите јасно да ги разликуваат овие производи.
Информациите за составот ќе мора да бидат достапни во јавните угостителски објекти, на менијата, етикетите, каталозите или на други видливи места.
Службената контрола на спроведувањето на правилникот ќе ја вршат надлежни инспекции во согласност со прописите за храна и инспекциски надзор.
Правилникот стапува на сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Српска“ (од 5 јуни), додека производите што веќе се пуштени на пазарот пред неговото стапување во сила ќе можат да останат во промет додека не се потрошат залихите.
Да ве потсетиме дека кон средината на минатата година, но и на почетокот на оваа година, Здружението на земјоделски производители – млечни производители на РС ги алармираше институциите дека се работи за т.н. лажни млечни производи, што беше потврдено кога инспекцијата излезе на терен.
Извор – Агроклуб


