Да го пронајдеме и пробудиме Тоше во секој од нас!

16-ти октомври, пред осум години. Тоа проклето октомвриско утро предавањата по предметот “Економија на Инвестиции” беа невозможни. Професорот Несторовски бледо и со подолги паузи коментираше како антологиската “Зајди, зајди, јасно сонце” никој досега ја нема отпеано подобро од него, и дека би било апсурдно баш денес да ни предава за инвестиции и за можни добивки. Загубата беше немерлива. Во анфитеатарот царуваа тишината и неверицата. Низ скопските улици побрзо се движеа солзите од луѓето. Од секој агол вибрираа неговите стихови, само што сега далеку подоминантни беа хорскиот плач и колективното бунило …

… А неговиот живот, игри без граници. Исклучителна приказна, прекрасни страници. Величенствени, а сепак недопишани. Македонија низ својата историја имала и има редица од исклучителни уметници, но досега не е забележана помаркантна, покомплетна и повлијателна јавна фигура од него. Ни даруваше неизмерна љубов и музика. Беше принц на македонската музичка сцена, Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ, целосно прифатен и почитуван во сите поранешни југословенски држави, на целиот Балкан и пошироко. Победуваше на најголемите и најреномираните фестивали, ги полнеше најголемите балкански сали и никој не оставаше рамнодушен со својот глас, харизматичност и енергија. Освен славејски испеаните стихови и ризницата на евергрини, тој ни ги остави како аманет и несебичната хуманост, недвосмислениот патриотизам и правилните вредности.

Во суровиот свет на брзи пари, лажни емоции, ниски страсти и ефтина љубов Тоше блескаше со својата едноставност, природност и топлина. Додека многумина ги најавуваа своите фамозни хитови и големи албуми, Тоше само пееше. Додека многумина велеа дека имаат премногу фанови, Тоше без помпа полнеше стадиони и плоштади. Додека многумина се сликаа за таблоиди, Тоше креираше вредности и оставаше неибришливи траги. Своето влијание го користеше за суштинска промоција на хуманоста, солидарноста, другарството, мирот и љубовта. Празнината со која се соочуваме овие осум години после проклетиот октомври, ние ниту најмалку не успеавме да ја пополниме, туку се повеќе ја продлабочуваме. Генерален е впечатокот дека се помалку се смееме како Тоше, дека се помалку несебично даруваме љубов како Тоше и дека се помалку ги негуваме вредностите кои Тоше ни ги остави како аманет.

Поновата Македонска општествена и вредносна констелација можеме да ја поделиме на два периоди. На периодот со Тоше и на периодот после Тоше. Можеби разграничувањето е грубо и паушално, но овие два периоди се карактеризираат со сосема различни вредносни матрици, како и со сосема различни општествени стандарди и насоки. Првиот период е период на послободна уметничка креација, повисоки стандарди и отварање на нови хоризонти. Со Тоше како репер и стандард се стимулираа и останатите македонски музичари и граѓани да креираат и продуцираат поквалитетно и прогресивно. Имавме респректабилна музичка сцена, имавме квалитетни музички производи за извоз и вистински амбасадори, а не само потенцијални учесници во “ефтините” реални шоу програми. Вредностите и хуманоста кои тој ги промовираше раѓаа нови следбеници и убава енергија. И дополнително, нова синергија.

После неговата трагична смрт започна серијата на масовни импровизации, рекетарско силување и пенетрирање во музичката и медиумската сцена. Оние кои поседуваа талент и завидна заднина како домино коцки почнаа да паѓаат и да бледнеат. Простор за креирање на вредности, стил на живот и поставување на критериуми започнаа да добиваат фигури кои немаат вистински производ, а следствено на тоа уште помалку употребна вредност. Нивното влијание беше наметнато и насилно вбризгувано, па затоа општата летаргичност (и залутаност) стана нашиот заштитен знак. Во целосната медиумска хистерија и шунд; инертно и несвесно, демонтиравме се што претходно сме имале како вредност и стандард. Денес, исклучителните виртуози во својата област функционираат тотално отежнато и деградирано.

Младите осум години се без својот идол и супер херој. Македонија без својот вонсериски талент и амбасадор. Без човекот кој ја пишуваше светлата приказна на нашата независност. Без амбасадорот кој гордо ја промовираше својата татковина и ги рушеше сите национални стереотипи и бариери. Сите овие години многу навидум големи босови и политичари на најразлични начини го употребуваа, а на моменти и злоупотребуваа неговото име. Не можеа да ги допрат неговите дела поради тоа што тие се пречисти за нивните валкани раце, па само небулозно и шизофренично халуцинираа дека можат да си ги откупат неговите епитети. Имаше и ептен забегани кои се обидуваа да го маргинализираат само поради тоа што неговото потесно семејство не им се поклонувало. Што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи, прашуваше низ стихови и самиот Тоше!?

На Тоше не му требаат одликувања и признанија. Тој сам по себе е недопирлива величина. За неговите достигнувања и мисија ќе сведочат музичкото наследство и вредностите кои тој ги остави за само 26 години. Но, непочитта и недоволната заштита на неговиот лик и неговите дела ќе сведочат за нас. За нас кои што бевме благословени да коегзистираме заедно со него, со неговиот раскошен талент, со неговата насмевка и добрина, и со неговата љубов. Љубов, чиста како солза. Тоше најчесто говореше и пееше за љубовта, за детските насмевки, за хуманоста, за Бога. Всушност, тој најмалку говореше за своите достигнувања. Не сакаше да му симнуваме капа, сакаше само да се гордееме со него. Затоа, сосем доволно би било доколку успееме да го пронајдеме и пробудиме Тоше во секој од нас…

… На маргините на ова писание, кога повторно царуваат тишината, неверицата и солзите да споменеме и неколку брилијантни реплики од неповторливиот и непреболениот, од нашиот Тоше:

„Без оглед на она што велат дека скромноста е одлика на глупавите луѓе, јас не се согласувам со тоа. Скромноста е одлика на добрите луѓе.”

“Целта на мојот живот не е кариерата, туку контактот со луѓето, односно можноста со нив да ја разменувам енергијата. Сакам на сите околу мене позитивно да влијаам, бидејќи тоа е мојата мисија.”

“Кога ќе ви одземат се и ќе ви останат само двете раце, составете ги една до друга за молитва… Тогаш ќе бидете најсилни.”

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести