Музичарот Даниел Поповиќ со неговата хит песна „Џули“ ја претставуваше поранешна Југославија на „Песна за Евровизија“ во 1983 година во Минхен. Тој го освои високото четврто место и песната стана вистински хит.
Текстот за песната го напишал Марио Михаљевиќ, а името Џули било идеја на Даниел, пишува Ин магазин. Тој дури сега откри дека Џули е вистинска личност.
Така ја викал неговата прва љубов, на која ѝ ја посветил песната. Таа со нејзините родители дошле од Германија на море.
„Ангела беше личноста на која ѝ е посветена таа песна. Ангела Башеврал“, откри Даниел во „Ин магазин“.
Тој во разговорот се потсети и на евровизискиот настап.
„Пред да настапам, сцената многу брзо се менуваше. Додека излегував, кон мене туркаа еден клавир. Разминувајќи се со него, ми се закачи сината јакна и за малку ќе паднев во една дупка длабока 4 метри. Едвај се спасив. За малку ќе се распарчев долу како лубеница и со тој стрес морав и да пеам. Некој ќе рече, види го стои како „дрвена Марија“, а јас бев среќен што воопшто останав жив“, изјави тој.
„Џули“ е препеана на многу светски јазици.
„Во Норвешка АББА имаше 25.000, а јас 40.000, што е феноменално. Во еден момент, таму, бев и пред Мајкл Џексон по бројот на продадени плочи. Што се однесува до Германија, таму продадов 500 илјади плочи, каде што бев и пред Дејвид Боуви и Мајкл Џексон на топ листите. „Браво“ го основа мојот фан клуб. Постојано одевме на гостување од една во друга емисија, беше навистина лудо.“, изјави Даниел Поповиќ.


