Депресијата е луѓе, вистинска. За жал, опитно ја знам

Бог да ја прости професорката Снежана Тројачанец…

Депресија… Првпат ја сретнав во животната приказна на Вирџинија Вулф, поточно, во нејзиниот тажен крај… Со џебови полни камења, зачекори неповратно во водите на реката Уз. Му напиша проштално писмо на сопругот, во кое му кажува дека не може да продолжи да му го уништува животот и дека никој не можел да биде посреќен од нив двајцата, како што всушност и било, пред чудовиштето да дојде по своето. Ја жалев Вирџинија Вулф.

Толкав талент, прекрасен брак, кариера, а таква неблагодарност кон животот, си мислев.
Додека не дојде ден, да почнам да ја разбирам Вирџинија, од прва рака, зашто чудовиштето ме нападна и мене. Лесно доаѓа. Така, од нигде-никаде. Во етапи. Од сабајле. Монструм. Отварам очи. Немам сила. Сакам да спијам. Се влечам низ денот во полу-замајана состојба. Имам една цел – да го поминам денот без никој да забележи колку сум скршена и пак да си легнам. Ако забележат, пораз ќе е за мене. Ако не забележат, победив. Така си мислам додека срамот ме стиска од сите страни. Срам, зашто имам маж што го сакам, работа што ми овозможува да си дозволам слободно време, пријатели и таленти, а пак не можам да излезам од оваа борба со депресијата.

Тука сум, ама како да не сум. Немам концентрација да се фокусирам на наједноставни задачи, се мкнам како кретен, мислам дека сум кретен, мислам дека се е без смисла. Монструмот и јас си правиме муабет во мојата глава. Ми вели:
– Гледаш, не можеш да запаметиш ништо. Мораш да правиш листа на задачи што треба да ги завршиш на работа и да си ги запишуваш на ливче. Наједноставни задачи, како „земи ги клучевите“, „врати ја книгата во библиотека“, „измиј садови“.
Вака ми зборува, а самата листа на обврски ми е потсетник дека веќе не паметам како порано, дека не ми е остар мозокот како порано и дека чувствата на дезиорентираност доаѓаат без најава и без кочница.

Додека го пишувам ова сфаќам дека мијалникот ми е полн со садови. Нова мисла ме напаѓа:
– Ни садови не можеш да измиеш.
И му верувам. Му верувам дека не можам да измијам садови.

Кога ќе си отиде, не само садови и ручеци правам. И куќа средувам. И на шопинг одам. И со луѓе муабет правам. Ама во моментите кога е тука и кога ќе ме обземе, навистина не можам и немам воља за ништо.

Јас и ливчето го поминуваме денот, ама монструмот и понатаму не ми дава да се извлечам од бездната. Напротив, ме турка да паднам, да пропаднам. Ми кажува дека и да умрам, на никој нема да му е гајле. Ме лаже дека сите врски во мојот живот се фејкерски и без смисла, дека немам пријатели, дека сум еден голем пропаднат безвреден живот. Дека никој нема да ме разбере. Или уште пострашно, дека ќе ме жалат. Дека ќе мислат дека немам ништо да му понудам на светот, дека сум лабилна, без кредибилитет. Затвор ми е телото, душава нема кај да избега. Ако има некаков спас од оваа агонија, тогаш тоа е да си легнам. Да спијам. Каква животна цел. Да станеш, за да си легнеш.

Некогаш, не можам да си ја вратам инспирацијата за пишување. Депресијата многумина паталци ја опишуваат како „мртвило“, „немање воља за живот“, „немање интерес за ништо“ или „ни на живо се смее, ни на мртво плаче“. Ама пострашно станува што и оние работи кои ти предизвикувале интерес и задоволство во минатото, сега се толку, безвредни и немотивирачки. Кога ќе се повлече малку и кога ќе го видам светлото на крајот од тунелот, кога ќе почнат да ми доаѓаат зборовите во глава и кога ќе почнам да пишувам, тоа е како некое бегство, како некој прекрасен момент на задоволство. Како некоја „мисија“ и одмор. Да напишеш што ти е, да можеш да се изразиш. Да не се криеш више, да ти олесни. А вака, од надвор, среќна, весела, зборлеста и смешна.

Се соочувам со фактот дека ми е важно да знам дека некој ме сака. Дека од мојата прифатеност во општеството и искрените релации со луѓето ја црпам својата сила, а од самотијата и изолацијата, ја црпам својата немоќ и безвредност. А не верувам дека некој ме сака. Мозокот ме лаже и јас му верувам. А сопругот ме гледа, ми симнува ѕвезди и се обидува да ме орасположи. Се чувствувам виновна што не можам да излезам од оваа психолошка гробница, ни за него. Длабоки чувства на очај и беспомошност ме прекриваат како бранови додека не ме удават. Како ништо од мене и да не зависи. Како да немам контрола врз своите емоции, врз ова ненормално чувство на немоќ. Од кај мене ова ме снајде? Ова се случува само на филмови и само на Вирџинија Вулф.

Зјапам во Фејсбукот. Се реди „позитивен“ врз „позитивен“ пост за некакви цели, позитивни погледи врз животот, некое „позитивно“ њу ејџ срање, кое тврди дека „од твоите мисли што самиот можеш да ги смениш, зависи твојата иднина“. Не бе дечко, од нивото на серотонин во мозоков, зависи мојата иднина. Уште еден суплемент ми стигнува во сандачето. Таблети од кантарион, 375 милиграми. Природен антидепресив. Ај уште и ова да го пробам.
И чекај уште едно среќно сефли да објавам. Да се вклопам во среќнава виртуелна перцепција. Така никој нема да знае. Пак ќе „победам“.

Мозокот ме шалта на нова мисла. Цитат од тоа девојчето, од серијата „На терапија“. Ја гледав таа серија, само заради Никола Ристановски. Во серијата, неговата пациентка му вели: „Децата никогаш не се депресивни“.
Ех, да можам пак да сум дете…
Добро, пишувам многу долго време. Редно е да го избришам постов и да продолжам да објавувам кучиња, снупиња, верверички. Ма не! Кликнав „објави“. Нека биде што сака. Предолго се правам силна. Депресијата е луѓе, вистинска. За жал, опитно ја знам.

Мирослава Симоновска

Либертас

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести