Вкупно 120 луѓе планираат да поднесат тужба против музичкиот магнат Шон Диди Комбс, попознат како Пи Диди, од кои 25 биле малолетни во моментот на инцидентите за кои тужат. Едно лице имало девет години кога се случила наводната злоупотреба.
Деталите ги откри угледниот американски адвокат Тони Базби, чија канцеларија ќе ги застапува сите 120 лица поединечно. Базби на прес-конференција рече дека во рок од еден месец ќе ги покрене тужбите на 120 лица, од кои 60 се жени, а 60 мажи. Обвиненијата се однесуваат на периодот од 1991 до 2024 година.
„Овој вид на сексуален напад, сексуална злоупотреба, сексуална експлоатација никогаш не треба да се случи во САД или на кое било друго место“, рече Базби на прес-конференцијата.
– Никогаш не требало да се дозволи ова да трае толку долго – додаде тој. Најголем дел од тужбите се очекува да бидат поднесени во Њујорк и Лос Анџелес. Покрај горенаведените 120, има уште случаи кои се уште се разгледуваат.
Имено, Базби вели дека повеќе од 3.280 луѓе ја контактирале неговата компанија и изјавиле дека Комбс ги злоупотребувал на различни начини. Адвокатот објасни дека неговата компанија одлучила да застапува 120 луѓе. Неговите клиенти разговарале и со ФБИ.

Обвиненијата вклучуваат насилен сексуален напад, силување, сексуален напад, секс со употреба на контролирана супстанција, присилна проституција, дистрибуција на видеа без согласност на лицата во нив и сексуална злоупотреба на малолетници.
„Најголемата тајна во забавната индустрија, која всушност и воопшто не била тајна, конечно стана јавна. Срушен е ѕидот на тишината“, изјави адвокатот.
Адвокатот на Комбс, Ерика Волф во изјава за Си-Ен-Ен нагласи дека нејзиниот клиент категорично ги отфрла сите обвинувања.
„Господин Комбс цврсто и категорично ги негира како лажни и клеветнички сите тврдења дека сексуално злоставувал некого, вклучително и малолетници“, рече Волф, додавајќи дека Комбс едвај чека да ја докаже својата невиност на суд.


