Џенифер Анистон тајно се венчала со својот свршеник Џастин Теру, објавија сите светски медиуми. Свадбата се одржала во вилата вредна 22 милиони долари во Бел Ер, каде што двојката и живее, а објавија и фотографии на кои се гледа испораката на тортата во вилата.
На свадбата, која се одржала во средата, биле поканети само најблиските пријатели, меѓу кои и голем број познати личности, како Хауард Стерн, Елен Деџенерис, Челзи Хендлер и Лиза Кудроу.

Судбоносното „да“ Џенифер и Џастин го кажале три години по свршувачката и неколку дена пред неговиот роденден, па наводно пријателите и семејството ги поканиле на роденденска забава и никој не знаел дека, всушност, доаѓа на свадба.

Медиумите безброј пати пишуваа дека тие двајца се венчале, но секој пат беше утврдено дека не е вистина.
Овој пат се чини дека тоа навистина се случило, а двојката засега не дала официјална изјава за медиумите.
Џенифер и Џастин се запознале за време на снимањето на комедијата „Тропски гром“ во 2008 година, но врската ја почнале три години подоцна. Ова е втор брак за 46-годишната актерка, која се разведе од Бред Пит во 2005 година.


