Пејачката Витни Хјустон на денешен ден пред 12 години на 49-годишна возраст беше пронајдена мртва во својата када.
Витни, која со години се бореше со зависности, почина при случајно давење, а нејзиниот организам бил ослабен со долгорочно консумирање разни видови наркотици, се наведува во официјалните документи. Во моментот на смртта во крвта имала марихуана, кокаин и средства за смирување.
Во осумдесетите и деведесетите Хјустон беше на врвот на кариерата, а музичката сцена ја освои со хитовите „I’m every woman“, „I will always love you“, „All the man that I need“ и други. Во својата кариера освои шест Греми, 22 Американски музички награди, две Еми, дури 30 награди „Билборд“.
За пропаста на една од најуспешните пејачки, многумина го обвинуваат нејзиниот поранешен сопруг Боби Браун, исто така долгогодишен зависник кој симпатичната „девојка од соседството“ ја претвори во руина. Двојката ја доби ќерката Боби Кристина во 1993 година, а официјално се разведоа во 2007 година.
Боби Браун смета дека дрогата не е причина за случајното давење на пејачката и покрај тоа што истражителот истакнал дека во крвта се пронајдени траги од кокаин.
– Верувам дека Витни не умрела од дрога. „Работеше напорно и вложуваше голем напор за да остане трезна“, изјави Браун за списанието Ролинг Стоун.
– Ја уби скршеното срце – додаде тој, без дополнително да објасни што сакал да каже со тоа.
По разводот, Витни продолжи да пее, но релативно ретко се појавуваше во јавноста. Таа неколку пати настапуваше, очигледно под дејство на опијати, кои јавноста ги дочека „на нож“. Се лечеше, се обидуваше да почне од почеток, но залудно.


