„Судечкиот совет при Основен суд Скопје 1 – Скопје денеска ја изрече одлуката против лицето Т.С., кое во својство на дадилка е обвинета за кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“ од член 201 од Кривичниот законик. Советот и изрече казна затвор во траење од една година и два месеци. Судењето беше затворено за јавност поради заштита на правата на оштетеното малолетно лице“, информираа од Основниот суд Скопје 1.
По завршување на првото рочиште од судењето кое се водеше зад затворени врати, адвокатот на обвинетата, Ванчо Митев изјави дека обвинетата пред судот рекла дека не се чувствува виновна за настанот, како и тоа дека ќе бараат преквалификација на делото, односно таа да не се гони за став 3 член 201 од Кривичниот законик, туку за став 1 од истоимениот член, бидејќи според одбраната во конкретниот случај немало тешка телесна повреда како што тврди обвинителството.
„На судењето обвинетата рече дека не се чувствува виновна за настанот. Основна поента на мојот воведен говор беше тоа дека обвинителството не треба да ја гони обвинетата за став 3 од членот 201 , туку за став 1. Обвинетата сега одговара за запуштање и малтретирање на малолетно лице со последица тешка телесна повреда. Тврдам дека овде тешка телесна повреда нема. Недопустливо е и вештачењето за повредите на детето да го прави општ хирург, кој е некомпетентен за тоа. За став 1 минималната казна е 1 година, а за став 3, минималната казна е 5 години затвор, што е голема разлика“, изјави тогаш Митев.
Се очекува обвинителството да се жали на пресудата.
Случајот со дадилката кој ја потресе македонската јавност, стана актуелен откако семејството каде што работела обвинетата, во септември минатата година објави снимки на социјалните мрежи од скриена камера поставена во нивниот дом. На снимките се гледа како дадилката го тресе бебето, му вика и го удира.
Извор: Академик


