Емисијата на Васко Ефтов, „Во Центар“ е тргната од програмата на телевизијата Алсат-М. Информацијата денеска на својот Фејсбук профил ја објави главниот уредник на телевизијата, Мухамед Зекири.
– Колку за информација, емисијата „Во Центар“ со автор на кој од хигиенски причини не сакам да му го споменам името повеќе нема да се емитува на Алсат М. Емисијата и до сега беше надворешен проект и не беше во продукција на Алсат-М и никогаш не беше подржана со уредувачката политика на ТВ Алсат-М, напиша Зекири на Фејсбук.
Алсат-М Телевизија, во соопштение објави дека предвремено го раскинува договорот со продукцијата Ефтов за емисијата „Во Центар“, заради неисполнување на предвидениот рејтинг на самата емисија.
Дополнително на ова Телевизијата во известувањето до продукцијата Ефтов реагираше за последната емитувана емисија на 24.03.2015, насловена “Како ЦИА ги подготвуваше УЧК“. Од телевизијата велат дека подолго време размислувале да му се заблагодарат на Ефтов и дека последната емисија само ја прелила чашата.
На својата Фејсбук страница, Ефтов во поширока експликација, директно ги обвини Зоран Заев и Радмила Шекеринска за симнувањето на неговата емисија „Во центар“ од програмата на Алсат М телевизија.


