На денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции лидерот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека членството во ЕУ е стратешка определба на првите влади од независноста на Македонија и гаранција за напредок на државата, но очигледно тоа не е случај и со актуелната Влада.
„Жалам што слушаме пораки на евроскептицизам тука во телата, во Собирањето, во кои што најмногу треба да се работи и на полето на реформите и на тоа што државата треба да испорача за да станеме полноправна членка на Европска Унија. Ниту има алтернатива, ниту некој разговара за алтернативи за Европската Унија. Сето тоа се спинови на нечии изјави со цел да се намали дополнително желбата, ентузијазмот на граѓаните за вистинските чекори кои што треба да следат од страна на владата. Помина година и половина од влада и нема веќе кој да е крив за овој извештај кој што опфаќа една година од целосно нивно владеење”, рече Филипче.
Назадувањето кон ЕУ не е само на хартија, рече Филипче додавајќи дека тоа го чувствуваат и бизнисите и граѓаните кои бараат решенија, а не само изговори и ароганција од власта.
Според Филипче, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е целосно одговорна за евроинтеграциите.
„Никој нема да биде крив, целата одговорност е во владината коалиција на ВМРО- ДПМНЕ, ЗНАМ и на ВЛЕН. Слушаме дека ќе го проширувале владиното мнозинство, сакам да упатам јасна порака до политичките чинители, пратеници кои сакаат да се придржат на оваа коалиција, добро да размислат дали ќе го прават тоа, поради тоа што очигледно е дека нема волја, оваа коалиција да го продолжи европскиот пат”, рече Филипче.


