Филипче: Сите пензионери изгубија пари со линеарното покачување на ВМРО и Мицкоски

Сите пензионери изгубија пари со линеарното покачување на ВМРО и Мицкоски, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конферениција.

Филипче посочи дека со линеарното зголемување на пензиите што го спроведе ВМРО,  им се нанесе директна финансиска штета на сите пензионери во државата,  и дополнително им се уништи животниот стандард на пензионерите. Тој појасни дека доколку останеше методологијата воведена од Владата на СДСМ, пензионерите ќе добија поголеми покачувања.  

„Со последните линеарни зголемувања на пензиите во септември 2025 година и во март 2026 година од по 1.000 денари, 345.323 пензионери, значи вкупниот број на пензионери, сите во државата изгубија пари, односно беа украдени од оваа власт. Зошто? Поради тоа што доколку останеше методологијата која што ја воведе Владата на СДСМ, пензионерите ќе добиеја многу повеќе пари. Или многу прецизно. Во септември 2025 година пензионерите со најниска пензија би добиле 1.280 денари, а пензионерите со пензија во највисоката група на примања би добиле помеѓу 1.550 и 3.100 денари, во просек околу 2.000 денари“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче нагласи дека штетата врз пензионерите продолжи и со второто линеарно зголемување, кога повторно сите пензионери добија помалку отколку што би добиле според методологијата на СДСМ.

„Во март 2026 година повторно линеарно зголемување од 1.000 денари во сите категории, сите, а тогаш 347.296 пензионери повторно изгубиле пари, односно биле украдени од оваа власт. Доколку останеше методологијата, тогаш во последното зголемување пензионерите би добиле помеѓу 1.500 и 1.800 денари“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека ваквиот пристап од страна на власта отвора сериозни прашања за правичноста на пензискиот систем и ги оштетува и пензионерите со повисоки и оние со најниски примања.

„И сега луѓето кои што се уплашени за сопствената иднина, меѓутоа и актуелните пензионери со право прашуваат зошто некој им ги крати парите кои ги уплаќале за време на својот работен век, затоа што не уплаќале сите еднаква сума на придонеси. Зошто на луѓето кои што плаќале повеќе им е скратено правото да добијат повеќе пари преку пензиите? Но не само тие, едноставно и луѓето со најниски примања, пензионерите со најниски пензии се скратени, односно парите им се украдени“, рече Филипче.

Тој порача дека пензионерите заслужуваат достоинствен живот и сигурност, а не политики кои го намалуваат нивниот животен стандард.

„Значи луѓето кои цел живот работеле, граделе, придонесувале за оваа држава и кои што сега заслужуваат и почит и достоинствена пензија, достоинствен живот, едноставно се соочени со лаги и со помалку пари“, рече Филипче.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести