(ФОТО) Бев во Берово и сега раскажувам што видов и што мислев таму

Минатата недела бев во Берово. Повратен билет е 530 денари, автобусите се солидни, радиото што се слуша е Канал 77.  Понудите за сместување се повеќе од пристојни и ептен повеќе од евтини. Отседнавме во Малешевска куќа, реновирана куќа од 1900 година во чиј склоп работи и ресторан (Мрс) од 1963 година. 400 денари од човек, односно 800 денари за цела соба. Такси до Центар и назад понекогаш чини повеќе. Собите се без интернет. Кога се сместувавме и ни го кажаа тој мал детал, се фатив себеси како си мислам: „Што ќе правиме без интернет?“

Праевме многу работи, дури не ни забележавме дека сме отсечени од интернетот. Но, сепак, симптоматично е тоа што чувствуваме дека треба цело време да сме абдејтирани, вклучени, вмрежени, па дури и на одмор не се одмораме од потребата да сме дел од виртуелниот свет.

berovo144

                                                                        Терасата

Градот е мал, а гурманското задоволство во него – големо. Полнети печурки,  полнети пиперки со кајмак, полнети пиперки со урда, урнебес салата, џигер во марамица, полнет стек… со еден збор: полн стомак уживања. Плус, тоа уживање нема многу да ви го оптовари новчаникот бидејќи цените се ниски. Кога последен пат главна активност во денот ви била да се најадете? Но, онака, лезетски, да мислите на храна, во мислите да си ги визуелизирате јадливите опции, да го замислувате парчето манастирско сирење… Пополека да уживате, голтка по голтка да играат танго вашите усни и виното…

Луѓето се приемчиви и добродушни. Мислам дека забрзани во завршување на секојдневните обврски полека ја губиме навиката да се прашуваме едни со други: „како си?“ Како да ни снемува време да се ислушаме. Сите негде брзаат, сите нешто прават. Во Берово не е така. Не се сите насмеани и задоени од некоја необјаснива среќа, но се сите разговорливи. И, сите имаат време. Додека си одевме по улица и разговаравме колку е градот празен, самоиницијативно ни се придружи во муабетот една постара госпоѓа која поминуваше покрај нас, па си се изжаливме заедно за разрушените објекти, напуштените хотели и администрациски згради кои ги има на речиси секој чекор со исклучок на строгиот центар.

Но, за нив, малку подоцна.  Прво за центарот и машкото друштво. Зошто за машкото друштво? Оти женско не видовме. Низ кафеаните во центарот, низ спортските обложувалници и низ кафулињата, секаде се војваа машки друштва. До душа, видовме две девојки кои очигледно беа седнати со своите момчиња, но женско друштво во вистинската смисла на зборот не сретнавме. Ниту преку ден ниту во вечерните часови. Којзнае, си велам, можеби дека појдовме преку недела, а не за викенд, но тоа не би требало да биде причина да не видиме другарки седнати на кафе или чај или што и да е.

На самиот плоштад има конфекција, односно конфекциска хала и Музеј на град Берово. Првово работеше, второво не.

berovo10

                                      Натпис на паметникот на Никола Петров Русински

Во градот изброивме вкупно три продавници за облека од кои што една нудеше second hand производи. Прехранбените продукти се многу поевтини во споредба со цените во другите градови низ Македонија. Само за споредба, литро масло за готвење е 65 денари.

Берово шири позитивни вибрации. Водата е студена, воздухот чист и ако сте доволно тивки може да слушнете како белите дробови ви велат: „фала“. Но, подзаличува на Детроит. Не сосема, но ако се прошетате по кејот на реката, ќе видите толку многу напуштени објекти од двете страни, што инстинктивно ќе  ви дојде да се свртите околу себе и да видите дали има луѓе или сте во напуштен град. Тоа не се пропаднати, туку добростоечки згради кои може да се искористат за многу цели. Но, во повеќето од нив испокрадени се дури и штекерите.

berovo13

                                                                    Полураспаднати куќи

berovo12

                                                                      Контраст Бр. 1

berovo1

                                                                     Контраст Бр. 2

И тажно е.  Тие згради биле полни со џагор некогаш. Тие куќи крепеле цели семејства некогаш. Една од напуштените згради порано била хотел во кои се правеле големи свадби. Луѓето имаат спомени од тие ѕидови испресечени со искршни прозорци. И си шеташ така низ градот, нагрнат со тага наместо есенско палто и налетуваш на ова:

berovo19

                                                               Книжарница Росица

Тагата почнува да се разведрува, усните да се шират во насмевка, а умот да превртува некои сеќавања од детството. Оти Росица е синоним за среќно детство.

Во Берово има и Бизнис Инкубатор. Колку што можев да видам на веб сајтот на општината организираат неколку културни и уметнички настани во текот на годината, а туризмот е добро развиен, особено делот околу Беровското езеро и туристичката населба Абланица. Но, она што најмногу ми го наполни срцето е начинот на кој функционираат училиштата. Се сеќавам, првпат бев во Берово во шесто одделение, на државен натпревар по Агротехника, организиран од Сојуз на здружение за техничка култура-Народна техника на Македонија. Натпреварот беше во ОУ „Дедо Иљо Малешевски“, јас освоив второ место и си дојдов дома многу љубоморна на беровските деца бидејќи имаа целодневна настава (да, бубалица, на што друго може да биде љубоморна?), а во моето школо – немавме.

Влезната врата на ОУ „Дедо Иљо Малешевски“ буквално ја враќа вербата во образовниот систем. Ќе видите беспрекорно распоредени родителски средби, мотивациони пораки и повик за училишни проекти. Камо да се сите училишта така организирани…

berovo18

Распоред за родителски средби

berovo16

berovo1

                                                                 Ученички проекти

berovo15

                                                        Дел од училишниот двор

И секако, постот за Берово не е целокупен ако не се споменат манастирите. Може да го посетите машкиот манастир Успение на Пресвета Богородица и женскиот манастир чиј патрон е Архангел Михаил. Монахињите прават преубаво домашно слатко. И го продаваат. Исто, може да купите и домашно вино за вашите најблиски. Или да си играте со манастирските мачиња, активност на која ние потрошивме цело попладне.

macenca

                                                          Манастирските мачиња

И што да ви речам, освен, појдете, најадете се, наспијте се, надишете се чист воздух. Ако сте за фенси места одете во Аурора Спа, а ако сте за муабет со локалците, седнете во Мрс, секако ќе се најде некој добронамерник за муабет и чашка алкохол.

mirjana_janceska

ИЗВОР: Pluto is not a planet

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести