На Козја река, десна притока на Дурачка река, на северниот дел на Осоговските планини, во непосредна близина на село Станци и 8 км јужно од Крива Паланка се наоѓаат преубавите Станечки водопади.
Кога ќе стигнете во село Станци, се упатувате по патека која води покрај Козја река во должина од 3 км, а по која ви се потребни околу триесетина минути пешачење за да стигнете до надморска височина од 1160 м и Станечкиот водопад. Висок е 11 метри и е најголем водопад на Осоговските Планини.
Обвиени во снег, водопадите деновиве ја покажаа целата своја убавина. Бројни љубители на пешачењето постојано се искачуваат на ова прекрасно место кое претставува вистински рај за душата.







