Шарено и очекувано: се мачкаат излози, се фрлаат бои, пукаат прозори – граѓаните изливаат бес. А докторот на политички науки, Иванов Ѓорѓе, излегува на бина, вади лист хартија од џебот и громогласно чита: „Селективна правда – тоа сме ние!“; „Да живее, Македонија!“
Конфузниот Ѓорѓе Иванов и приватната партија на Никола Груевски ни подметнуваат пораки како би ни пуштиле „далекусежни“ и „државнички“ пораки. Па, што ни вели, докторот на политички науки? Ни вели дека состојбата во Македонија е влошена заради „неспособноста и неодговорноста на опозиционите партии и Сорос“, оние кои изгубиле секаква ориентација и се нашле на кривиот пат. Само што тоа го знаат и дождливите глисти. Точно е. Не чини ништо. Факт. Ни нема спас – инсинуира професорот, докторот по политички науки – па очајнички бара да го следиме неговиот пат. Патот на Христ и Мухамед. Има човекот визија. Спасот се наоѓа во рацете на докторот, професорот на политички науки.
Неопходно ни е, глаголи Иванов, „ново национално единство“. Подоцна ќе ја рационализираме неговата идеа за националното обединување, ајде сега да ја следиме визијата на Иванов, докторот на политички науки.
Легендарната лажна скромност, вклучително и „гатачкото“ мантрање на другарите на Иванов, Груевски, Велјановски, патриотските пирани како Пандов, Миленко, Јанко, тета Мирка… исти дилбери кои сонуваат „национално обединување“, што во превод би значело да се собереме околу нив и нивниот сервис, ДПМНЕ. Добро. Ајде да се собереме. Убав поглед, два и нешто милиони македонци – колку веќе не има – доаѓаме во Собранието кое е како шлогирана баба на носилки, воени инвалиди, инвалиди по општа пракса – типично македонски, сјаен призор за докторот на политички науки и неговата камарила. „Ете што ви направи СДСМ и Сорос“, мисли и гледа кон спомениците докторот. „Ама така ви треба кога не сакавте да ме слушате“, продолжува да беседи, професорот, докторот на политички науки: „Има овде-онде немакедонци кои тврдат дека ние вас ве корумпираме, а корумпирајќи ве вас, попатно сме ја пустошеле и пљачкосувале државата, нашата Мајка, нашата Македонија, ама на таквите ќе им застанеме на патот, како што ни личи. Институционално. Правично“. – завршува докторот, професорот на политички науки.
Шарено и очекувано: се мачкаат излози, се фрлаат бои, пукаат прозори – граѓаните изливаат бес. А докторот на политички науки, Иванов Ѓорѓе, излегува на бина, вади лист хартија од џебот и громогласно чита: „Селективна правда – тоа сме ние!“; „Да живее, Македонија!“ – Да живее!, одекнуваат милионите патриотски грла. „Неопходно ни е ново национално обединување“, урла докторот, професорот на политички науки, а Пандов и Љупче Златев, какви што Бог ги дал, клечат под бината и запишуваат страшни колумни (што на Курир, што на Сител): „Иванов визионерски и државнички ни рече дека нам ни е потребно ново национално обединување“.
Гневниот Груевски, нервозен од гестот на Иванов и аболицијата – во километражно интервју – и тој урла дека ни е потребно ново национално обединување, национално обединување на сите национално свесни, онака целиот загрижен, зборува, а по малку и „кука“ дека никој не го слуша повеќе и дека Македонија е жртва на Сорос и меѓународниот заговор. Ете, се труди, греши, работи, ама како џабе да работи. И така, трае-ли-трае-националното-единство. И Јанко исто. И тој вели дека ни е потребно национално единство. И Миленко, и Мирка, сите велат дека ни е потребно ново национално единство. И се состануваат, се оформуваат одбори, групи. И сите велат дека ни е потребно ново национално единствно. И тоа трае-ли-трае.
Сега, шала на страна.
Кризата која го потресува светот, а Македонија склона на кризи, што ја фрла на колена, првенствено е криза на смисла. Колапс на економијата и финансиите е само последица од неолибералниот концепт на неконтролирано добивање и неконтролирано трошење; претворање на светот во супермаркет. Концепт, кој, во Македонија наиде на плодно тло и во многу што ги надмина обрасците воведени од Запад. Најпогубната последица на таквата состојба е атомизација на општеството, слабеење на социјалните врски и потполна пропаст на заедницата која треба да поврзе одреден систем на вредности. Професорот Иванов, докторот на политички науки, како и оној „премиер“ во исчезнување, сметаат дека „Македонец“ и „Македонија“ е вредност сама по себе, што според мене, тоа има смисла исклучиво во некаков систем на универзални вредности. Националното пак, напредува или дегенерира само во внатрешното општо. Просто речено: разумна држава која го контролира самоволието и аздисаноста кои – со помош на уставот и законите – се ограничени во внатрешното општо.
Во таква една држава, а Македонија е ужасно далеку од таквата состојба, бесмислени се повикувањата на национално единство, од проста причина што сите се обединети, што сите се поврзани со ист јазик, култура и интереси. Да се биде За или Против промена на името, НАТО или Европа, не е национално прашање, туку државно, па дури и ако сакате, прашање на стратегија на националната безбедност, тука пред се мислам на интеграцијата на Македонија во НАТО алијансата.
Ирационалната и инајџиска политика на Иванов и Груевски, фала богу засега е „маргинализирана“ благодарение на Шарената револуција и благодарение на сите странски медиуми кои веќе конечно разбираат што се случува и што се случуваше изминатава декада во Македонија. Тие, јасно, ќе продолжат да не’ психотизираат така што проблемот ќе го гледаат во Америка, Сорос, Сингапур, сосема сеедно, само нема да ги видат слабостите во својата некомпетентност и корумпираност на нивната „груевистичка елита“. Од бесмислените говоранции на Груевски и Иванов, гледаме се’ уште како „квичат“ и молат за да останат и натаму во претполитичка племенска заедница во кои тие ќе бидат шамани и поглавици.
Верувам во Шарената револуција и верувам дека нема да им се дозволи уште еднаш.
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


