За време на државниот банкет во Лондон минатата среда, Кејт Мидлтон седеше помеѓу двајца германски политичари: претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и пратеникот Себастијан Ролоф. Токму Ролоф одлучи да ѝ открие на јавноста, по вечерата, непознати и многу приватни детали од неговата средба со Вилијам и Кејт, вклучувајќи го и моментот кога идната кралица го спасила од кршење на протоколот, пренесува Тпортал.
Историската посета на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер (69) и неговата сопруга Елке Биденбендер (63) на Велика Британија, прва од ваков вид по повеќе од 25 години, беше обележана со раскошен банкет.
Заедно со кралот Чарлс, кралицата Камила и другите членови на кралското семејство, сите очи биле насочени кон принцезата од Велс. Кејт Мидлтон седела лево од Штајнмаер на масата, додека 42-годишниот Себастијан Ролоф, член на СПД, седел лево од неа.

Политичарот, според сопственото признание, немал поим дека на вечерата ќе му се придружи најпопуларниот член на кралското семејство. „Беше одлучено г-дин Штајнмаер да дојде со кралот, а г-ѓа Биденбендер со кралицата“, изјави Ролоф за „Abendzeitung München“. „Имав неверојатна среќа бидејќи имав чест да влезам во салата и да седнам до Кејт.“
Иако призна дека не посетувал никакви посебни курсеви за бонтон за вакви пригоди, Ролоф се чинеше дека добро се снашол. Тој ја опишал атмосферата како помалку крута отколку што би можело да се очекува, забележувајќи дека сè, иако детално испланирано, можело да се промени во зависност од расположението на кралот Чарлс. Но, најинтересниот момент од вечерта се случил кога гостите се повлекоа на кафе и приватни разговори.
„Во еден момент, принцезата Кејт стана и рече: „Мислам дека сега си одиме“. Бев убеден дека само кралското семејство ја напушта салата“, се присети Ролоф на моментот кога речиси останал да седи сам на масата. За среќа, Кејт ја забележала неговата збунетост. „Принцезата виде дека сум заостанал и ми рече: „Мора да дојдеш со нас сега, инаку програмата не може да продолжи.““

Покрај тоа што го поучила за протоколот, Кетрин се погрижила германскиот гостин да се чувствува целосно добредојден. Пред приватниот дел од собирот, таа го повлекла настрана за да го запознае со својот сопруг. „Таа ме запозна со принцот Вилијам за да можеме да разговараме за фудбал“, откри политичарот, додавајќи дека принцот реагирал многу поинаку кога неговата сопруга го повикува отколку кога некој од протоколот го прави тоа. Двајцата мажи разговарале, меѓу другото, за Хари Кејн и Томас Хицлспергер, кој исто така бил присутен на банкетот.
Ролоф гордо истакнал дека не се срами и дека чувствува како тој и Кејт „да се сложуваат“. „Разговаравме за состојбата во светот и дали општеството станува се погрубо. Таа зборуваше повеќе за љубовта, што звучеше многу искрено“, изјавил тој.
9


