Универзитетот Харвард денеска поднесе тужба со која ја оспорува одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да му забрани на Универзитетот да запишува странски студенти, нарекувајќи го тоа неуставна одмазда поради инает на политичките барања на Белата куќа.
Во тужбата поднесена до федералниот суд во Бостон, Харвард наведува дека владината акција го прекршува Првиот амандман и ќе има „непосредни и погубни последици за Харвард и повеќе од 7.000 иматели на визи“, објави АП.
„Со еден потег на пенкалото, владата се обиде да избрише четвртина од студентското тело на Харвард, меѓународни студенти кои значително придонесуваат за Универзитетот и неговата мисија“, вели во својата тужба Универзитетот Харвард.
Универзитетот соопшти дека планира да поднесе барање за привремена забрана за да го спречи Одделот за домашна безбедност да ја спроведе акцијата.
На Харвард се запишани речиси 6.800 меѓународни студенти, од кои повеќето се дипломирани студенти и доаѓаат од повеќе од 100 земји.
Американската администрација го обвини Харвард дека создава небезбедна средина дозволувајќи им на „антиамериканските, протерористички агитатори“ да ги напаѓаат еврејските студенти на кампусот, пишува српски Блиц.


