Откако двајца пациенти со изгореници пристигнаа синоќа на лекување во Загреб од Северна Македонија, хеликоптерот ХВ денеска ќе превезе уште три или четворица од нив, а Хрватска е подготвена да прими уште повредени на лекување, изјави министерката за здравство Ирена Хрстиќ.
„Првично дојдоа двајца пациенти, денеска тројца и најверојатно четврти пациент и подготвени сме да примиме уште пациенти“, изјави Хрстиќ по состанокот на парламентарното мнозинство.
Станува збор за повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, кој избувна рано наутро во неделата. Во пожарот загинаа најмалку 59 млади лица, а повеќе од 150 се повредени.
Министерката изрази сочувство до семејствата на загинатите и посочи дека од самиот немил настан сите надлежни хрватски институции изразиле подготвеност да ги примат жртвите за кои располагаат со високо ниво на лекување.
Двајца македонски млади момчиња со изгореници, се пренесени рано утринава во Загреб, и се згрижени на Клиниката за трауматологија на КБЦ „Сестрите на милосрдието“. Еден од нив има изгореници на белите дробови и е на интензивна нега, рекоа во болницата.
Министерката потврди дека за денеска е планиран само еден хеликоптерски лет за преземање повредени македонски државјани.
Таа рече и дека најлошо е кога пулмоналниот систем се влошува при вакви повреди, пишува Н1.


