Подружница на американскиот гигант за е-трговија „Амазон“ им платила околу 180 милиони евра на италијанските даночни власти и го суспендирала својот систем за следење на испораките со цел да се прекине истрагата за можна даночна измама и експлоатација на работници, соопштија денес упатени извори.
Во јули 2024 година, италијанската финансиска полиција заплени околу 121 милион евра од италијанската филијала на „Амазон“ како превентивна мерка, врз основа на истрагата на јавниот обвинител за можна даночна измама и експлоатација на работници. Јавното обвинителство во Милано се сомневаше дека „Амазон“ нелегално ги подизведува задачите за испорака за да ги минимизира трошоците за работна сила и да плати помалку данок.
Обвинителите во Милано отворија повеќе од десетина слични истраги, сомневајќи се дека DHL, GLS, Uber, Lidl, BRT, Geodis, Esselunga, Securitalia, UPS, GS, групацијата „Карфур“ и GXO исто така користат вакви практики. На почетокот на јули минатата година, тие заплениле 84 милиони евра од GXO, според извештајот на италијанската новинска агенција ANSA.
Вкупната исплата надминува 1 милијарда евра
Во налогот за заплена од 121 милион евра против Амазон се вели дека компанијата не платила ДДВ, пензиски и здравствени придонеси. Италијанските власти наведоа „сложена даночна измама“ преку „нелегален механизам за фактурирање на „непостоечки“ работни места, со договори со подизведувачи“.
Механизмот предизвикува значителни загуби за италијанскиот буџет, додека продолжува да ги експлоатира работниците во корист на Амазон Италија Транспорт, се вели во соопштението. Амазон сега платил околу 180 милиони евра на италијанските даночни власти, приклучувајќи се кон група од околу 30 компании кои постигнале спогодби во последните две години за да затворат слични истраги.
Вкупната исплата е повеќе од 1 милијарда евра, според судски документ што го виде Ројтерс. „Ја објаснивме нашата позиција на надлежните органи, кои ги признаа високите стандарди на нашиот модел на соработка со партнерите за испорака“, се вели во соопштението на Амазон.
извор: index.hr


