Ивана Манова нов женски ФИДЕ мајстор, титула која ја стекна со настап на Шаховската олимпијада

Едно коло пред крајот на Олимпијадата што се одржува во Будимпешта, каде што сме претставени и во отвореното и во женското натпреварување, Ивана Манова (2032 рејтинг) се стекна со титулата женски ФИДЕ мајстор (ЖФМ / WFM – Woman FIDE Master) после нејзиното реми со женскиот интернационален мајстор (ЖИМ / WIM – Woman International Master) Вероника Екслер (2176 рејтинг). Со ова нашата репрезентативка освојува 6 поени од 9 партии, односно минимумот за стекнување со титулата ЖФМ.

Главниот услов за стекнување со титулата ЖФМ е да се стигне до 2100 рејтинг поени, меѓутоа на натпреварувања како Шаховската олимпијада шахистките можат да се стекнат со истата титула доколку освојат одреден број на поени од минимум 9 одиграни партии.

Ивана Манова, член на ШК Гамбит Ассеко-СЕЕ, е седмата македонска шахистка што се стекнува со оваа титула, непосредно после репрезентативката ЖФМ Моника Жежовска.

Со победата во последното коло против шриланската репрезентативка ТХД Никлеша Таруши (1852 рејтинг), репрезентативката Ивана Манова се стекнува со нови 27,6 рејтинг поени со освоени 7 од можни 10 поени (5 победи, 4 нерешени, 1 пораз).

Давид Николовски

Најчитани вести