Излезе од печат поетската книга насловена како “Процвет” на поетесата Цветанка Невчева во издание на Дата песнопој од Битола.
Делото е дел од Современата македонска книжевност – едиција: „Книжевни меридијани“ и е носител на наградата насловена како – „Душата на чаршијата“ на конкурсот распишан од издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола.
Песните во стихозбирката „Процвет“, поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ, пишува рецензентот Илија Мерковски.
Дизајнот на корицата е направен од страна на нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин.
Низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на познатиот хирург, д-р Јордан Невчев.

Цветанка Невчева е родена 1989 година во Кавадарци, РС Македонија.
Таа е специјализирана медицинска сестра по семејна и патронажна грижа. Магистрант на спортски менаџмент. Активист и волонтер во повеќе невладини организации. Автор и коавтор на повеќе научно истражувачки трудови.
Вљубеник во убавата мисла преточена во убав збор запишан во книги исполнети со поучни и мудри страници.
Пишува поезија и кратки раскази.
Нејзините поетски творби и раскази се објавени во антологии, книжевни списанија и интернет портали.
Поетската книга насловена како Процвет, е нејзина дебитанска книга, која се закити со наградата Душата на чаршијата, на конкурсот организиран од страна на издавачката куќа „Дата Песнопој“ од Битола.


