Гласот на големиот поет Ацо Шопов можеше да се чуе во МАНУ, и тоа како во 1964 година ја изговара неговата позната песна „Очи“, а благодарение на „Јутјуб“ отсега него ќе можат да го слушнат сите љубители на поезијата.
Снимката на Радио Скопје, поставена на каналот „Јутјуб“, за една недела ја чуле 8.500 луѓе, вчера на одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов на која присуствуваше многубројна публика се слушна и во МАНУ. Информацијата за „Јутјуб“ на присутните им ја пренесе неговата ќерка Јасмина Шопова, која со лаптоп од говорница им ги презентираше дигиталните патишта по кои денеска светот, освен преку книгите, се запознава со големото дело на поетот („Фејсбук“, „Википедија“). Шопова информираше дека се подготвува и веб-страница на македонски, француски, шпански, англиски и на германски јазик, проект под наслов „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ на издавачката куќа „Фи“ од Луксембург, но и дека на „Јутјуб“ е објавена содржината „Ацо Шопов поезија“ со негови песни и видеоинсерти.
ИЗВОР: Утрински весник


