Содржината на телефонскиот разговор на Груевски со министер Миленце, за ридот на Водно де, што си го купил пастирот како што му вика за „поволна“ цена за мене не беше изненадување оти одамна, уште кога беше само министер, нели купуваше станови на мама. Но, инструкцијата дека од тие речиси 14 илјади квадрати земја не му се дава ни метро за пат искрено ме изнасмеа. Каква беда, каква себичност…
Ауу си реков, поштениов за мнозинството народ, за мене НЕ, немал граници, па он ти бил бре типичен батко Ѓоргија. Ај што цел рид го побашил туку и патот кој и нему ќе му треба, да бил од друг, ако може, се разбира. Пусти Миленце, сртот – мртот, можи -не можи,че видам – че пробам, само да му УГОДЕ на лидеро.
А лидеро ламја ненаситна, нормално во четири очи, за граѓаните чесно БАЈЧЕ, кое ете нејќе ни во премиерската вила да живее, туку во станот на мама, за да си мислат граѓаните дека тој е еднаков со нив и ја дели нивната судбина да не речам сиромаштија.
Значи Миленце добил нареџење, да им го БУТНЕ, патот де, на другите, оти ридот, ете пастирот мисли дека татко му му го донел од Беломорска Македонија. Е тоа бутнување или ТЕПАЊЕ за меѓа, тоа е типичен наш синдром, па од него не бил имун и нашиот “пречесен“ премиер. Ме фати бес, но и срам што 9 години дозволуваме да не водат такви луѓе.
Чинам не ТОЈ, виновни сме прво сите ние што на вакво клептоманско друштво не сме реагирале, сме дремеле, а тие си калапеле имоти. Ало Влатче (Ѓорчев) абе кај си да направиш стенд-ап пред вилаетот на твојот лидер, та нели едно време се сликаше низ Водно, да му покажуваш на народот кај живеела црвената буржоазија. Шо праиме сега со оваа твојава, портокаловава, или мукла за тоа, си го смести дупето и ти во куќа во Бардовци, и затоа нема стендапи, а….
Пред некој ден, пред бомбата за земјиштето на пастирот, случајно поминав крај вилата на госпожа Вилма, сопругата на починатиот претседател Трајковски. Видов огромно бело здание и на пријателот му реков: „А ова хотел ли е,чиј е…Не, тоа е дворецот на Вилма.“
Се стаписав, и прокоментирав. Абе нормална ли е, што ќе и е ова чудовише, колкави сметки за струја само ќе добива. На времето и за Снешка на Љубчо се чудев за дворецот што сакаше да го изгради, ама пустата, и го открија новинарите, и чинам и тоа покрај другите глупости, му пресуди на нејзиниот сопруг да го изгуби премиерскиот кабинет.
Сега, после бомбава за ридот на пастирот, излегува дека Вилма и Снешка биле бре и СКРОМНИ, алчноста допрва ни следела. И замислете, велат дека тоа било онака најлајт варијанта за домаќинлукот на пастирот, имало и уште и пострашно.
Но, сепак, убеден сум дека вината не е само негова, таков е и не можеш да ги оправиш, туку што гледавме и гледаме сите ние.
Сите си имаме вина, за аздисаноста што ни се случува пред очи, оти дремеме а они не РАБОТАТ ко бавча. И зошто да не, кога сме такви, па и нека не соголат. Не прочитале дека сме заспани, и така и ни треба. А на фараонот, е него да, му треба и ѕид од седум или осум метра, како што рече, во кој ке ни даде да зјапаме, ама неговата ПИРАМИДА ниту ќе ја видиме, ниту дава да ја сониме.
п.с.
Секоја чест на генералот Стојанче. Од петни жили се труди да не разбуди. Ден за ден му се приклучува по некој нов. Но тој според мене ги прави вистинските чекори, атакува на Македонската тв Бастилја и се разбира на обвинителот Зврле. Се додека тие две места не бидат ослободени пастирот ќе се чатали.
Ацо Кабранов
Фото: Окно.мк


