Столчињата и масите кои цела зима стоеле некаде во подрум или гаража, веројатно се полни со прашина ако не сте ги завиткале во најлон. И ако не сте ги исчистиле пред да ги внесете, веројатно се валкани. Користејќи состојки од кујната, можете лесно да го исчистите мебелот за тераса и двор.
Пластичниот мебел ќе биде како нов
Одржувањето на пластичен градинарски мебел е лесно. За да ја отстраните нечистотијата, истурете чаша детергент за садови во леген со топла вода, направете раствор од сапуница, натопете чиста крпа и избришете го мебелот или исчистете со четка доколку е потребно. Ова ќе ја отстрани нечистотијата, дамките од инсекти и храна.
Ако пластичниот мебел е бел, ќе блесне ако го исчистите со раствор од половина шолја оцет и два литра вода. За тврдокорни дамки, истурете оцет директно на сунѓер и исчистете. Со стара четка за заби тријте ги дупките, гребаниците и резбите за подобро да ја отстраните нечистотијата.
Како да се исперат перниците
Може да има различни дамки на перничињата што се наоѓале на столовите – од храна и пијалоци, трева, пот, мувла што се создала при стоење цела зима. За убаво да ги исчистите, измешајте 1 лажица детергент за садови и 250 мл топла вода во шише со распрскувач. Добро испрскајте ги двете страни од перницата за да бидат влажни и оставете да се исушат. Потоа измијте ги перничињата под млаз вода и закачете ги да се исушат. Доколку на етикетата пишува дека може да се перат во машина, исперете ги така, на препорачаната температура.


