„Доколку премиерот е убеден во она што го говори требаше јавно да побара експерти да се изјаснат”, вели Кекеновски за снимените разговори, во интервју за Репортер.Мк.
Кекеновски не гледа реална поддршка во народните собири на ВМРО-ДПМНЕ.
„Видете ги лицата на тие луѓе и ќе ви стане јасно дали се дојдени поради тоа што го сакаат и го почитуваат нивниот лидер или во прашање е нешто друго”, одговара Кекеновски.
Излезот од политичката криза го гледа во оставка и целосно повлекување на Никола Груевски од политиката. Во спротивно смета дека може да се случи народ.
„Не сакам да ни се повторат случувања од Букурешт во 90-тите години на минатиот век и паѓањето на диктаторот Николае Чаушеску, но некако работата оди во таа насока”, вели Кекеновски.
Прашан каде го гледа крајот на оваа ситуација, Кекеновски вели:
„Секако дека излезот е во свеста и совеста и моралниот и демократскиот капацитет на сите учесници во оваа невидено случување на овие простори. Се разбира дека е најдобро премиерот да си поднесе оставка и да остави институциите со помош на нашите пријатели од ЕУ да си ја завршат професионално и непристрасно целата оваа работа. Да се утврди изворот на снимките односно да дознаеме кој снимал, зошто е дојдено до тоа, но и да ја дознаеме целата содржината на снимените материјали, Да дознаеме колку ова раководство на ВМРО ДПМНЕ било патриотски настроено, колку си ја сакало својата државата, на кој начин владееле, како и се друго што е поврзано со незаконитото и криминално работење, се со цел секој да си ја добие заслужената казна, а партијата да остане единствена и повторно да биде победник на наредните ибори. Но, доколку не се случи оставка, тогаш мислам дека не е далеку денот кога можеби како резултат на се поголемото незадоволство на граѓаните од оваа власт, ќе ни се случи народ. Навистина не сакам да ни се повторат случувања од Букурешт во 90-тите години на минатиот век и паѓањето на диктаторот Николае Чаушеску, но некако работата оди во таа насока. И затоа доколку Груевски им мисли добро на граѓаните, на државата и на партијата треба побрзо да замине од политичката сцена“, вели Кекеновски.


