“Мини-фини буџетчиња” не е само необично име на детската градинка во склоп на Министерството за Финансии. “Мини фини буџетчиња” е личен печат на една необична политичка гарнитура која управува со нас веќе десет години. Иако делува нереално, дозволивме нашата реалност да е прозивод на детската фантазија и умисленост на оваа мала група “мини-фини преродбеници”.
Додека секојдневно ни се насмевнуваат и не поздравуваат нивните шашави реформи и иновации инсталирани во нашиот систем, груевизмот хистерично и цинично му се исмева во лице на нашиот страв, индиспонираност и летаргичност. Груевизмот ужива додека управува со нас. Со вакви слатки, мини-фини човечиња.
Задушени се многу перспективи, а комплетно е разорен кревкиот општествен и вредносен систем. И покрај тоа груевизмот никогаш нема да признае дека уништил многу генерации и дека во негово време доминантно завладеа стравот, подпросечноста и неперспективноста. Уште помалку ќе прифати одговорност. Сите очекувања за тоа се празни и веќе депласирани. Едноставно, груевизмот го изгуби допирот со реалноста.
Повеќе не помага ниту чекањето, ниту сарказмот. Времето, тој најскап ресурс, немилосрдно изминува. Попусто чекаме на невидливиот спасител. Тој нема да се појави. Затоа што тој е во нас. И ние мораме да го ослободиме. Да го пробудиме. За да постоиме. За да се бориме. Мора да пркосиме. Од бес. Поради нас самите. За правда. За промени и прогресивност.
Мини-фини човечињата мора да станат граѓани. Максимално будни и свесни. Совесни и солидарни. Емпатични и бунтовни. Промената не доаѓа сама од себе. Ниту некој може промената да ни ја подари. За промената се бори. За промената се пркоси. Не смееме да чекаме да бидеме лично засегнати и нападнати за да пркосиме. За да се бориме против малограѓанштината и стагнацијата во полза на промените и прогресивноста. Денес е тој. Но, ти си тој! Не заборавај! Ние сме тие!
Можеби мислиш дека не си Мартин Нешковски, но твоето дете ќе живее во студентски дом или на брод. Можеби сметаш дека не си Томислав Кежаровски, но тогаш ќе мора да ги следиш владините опортунистички трубадури и лукративните релативизатори уште долго. Да те прават мелено месо и да ти продаваат локум, магла и бурек оние гротескни спинери кои трансцедентно и инстантно ќе откријат милиони начини за да ги опрадваат и заштитат своите млечни дадилки и спонзори. Можеби моментално не те засегаат состојбите во болното македонско здравство, но тоа ќе те лечи и негува. Ти си македонското здравство. Затоа, пркоси! Разбуди се! Не спиј!
Ти си македонскиот студент, пациент, стечаец, лекар, земјоделец. Ти си граѓанинот. Ти си над Премиерот, над Министрите, над водачите. Нив, Ти ги поставуваш и легитимираш. Државата, нејзините институции и администрација мора на тебе да ти служат. Ти нив ги финансираш. Тие се твоја алатка. За твој подобар живот.
Сите сакаме Македонија да биде подобро место за живеење, но малкумина превземаат акција. Чекаме. Само чекаме. На другите. На ЕУ. На Бог… А времето, тој најскап ресурс, уште понемилосрдно изминува.
Промената започнува од себе. Биди промената. Стани големиот и гордиот Граѓанин кој ќе им биде коректив и кој ќе биде над нив. Коректив на своите мини-фини премиерчиња и владини поданичиња. Над нив!
Само така и само тогаш, реално ќе се раздвижиме тука. Не надвор! И не на Сител! Туку тука!
Пишува: Перо Костадинов


