-Ние во моментот се наоѓаме во криза којашто е најголема после големата економска криза по 1929, 1933 година. Имаме здравствена пандемија, имаме енергетска криза, европска енергетска криза којашто се прелева и кај нас и имаме економска криза којашто е предизвикана од таа енергетска криза. Во такви услови да барате избори со што ќе ги стопирате сите економски процеси, а на граѓаните немате што ново да им понудите е несериозно. ВМРО-ДПМНЕ не понуди ништо ново, тие велат сакаме избори, секој ден сакаме избори – рече Ковачевски во „Само Интервју“ на Канал 5.
Премиерот им ги отвора вратите за соработка на сите оние кои се расположени да придонесат во справувањето со предизвиците наметнати од здравствената и економската криза. Но, како што кажа тој не е човек кој подлегнува на уцени.
-Јас повикав на партиципативно управување, тоа значи дека ја повикувам и опозицијата, и академијата, и стопанските комори, и синдикатите, заедно да соработуваме во услови на криза за да може да направиме помали негативни последици во однос на стопанството и на граѓаните. Сите оние кои сакаат да го направат тоа вратите им се отворени, меѓутоа барањата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на единствено предвремени избори, тоа претставува уцена. Јас сум човек што не подлегнува на уцени и не работи под уцена – изјави премиерот.
Претседателот на Владата, истакна дека е отворен за разговор со опозицијата, во најбрзо време ќе го контактира Мицкоски да разговараат на теми кои се најголем предизвик за државата.
]]>


