“Со високи државни почести, мирно и достоинствено, како што доликува на големиот, светски визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело и државноста, Гоце Делчев, оддадовме почит денеска, пред неговото вечно почивалиште, во чест на неговото раѓање пред 151 година, на денешниот датум, 4-ти февруари”, напиша премиерот Димитар Ковачевско на Фејсбук.
“Идеалите на безвременскиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки”, истакна Ковачевски.
Тој посочи дека пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес и се света обврска за секого, како што наведе “додека ја градиме Република Северна Македонија во Едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз, НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави”.


