Локвенец: Изградбата на железнички пруги значи изградба на историја

Изградбата на железнички пруги значи изградба на историја, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“, Хари Локвенец на прес-конференција по повод одбележувањето на 149 години од постоењето на македонски железници, одржана на мостот пред железничката станица во Неготино.

Локвенец потсети дека на 9 април, далечната 1873 година, првиот воз влечен од парна локомотива пристигнал во железничката станица во Велес и тогаш почнало поврзувањето на Македонија со остатокот од светот.

– Затоа,  дозволете да им се заблагодарам и на сите ветерани и сегашни вработени и да им го честитам 9 април – Денот на македонските железничари. Со посветена работа и истрајност,  ќе ги надминеме сите предизвици. Наредната година ќе го одбележиме нашиот голем 150 годишен јубилеј  со реализација на значајни проекти, зошто ние не ветуваме напразно, туку и реализираме, додаде тој.

Локвенец се осврна и на приоритетите на македонски „Железници“.

– Наш приоритет број еден е изградбата на Коридорот 8 на источниот и западниот дел со што граѓаните и стопанството ќе имаат железнички пристап од Црното и Јадранското Море. Истото дополнително ја засилува оправданоста и придобивките на овој проект како за Република Северна Македонија, така и за регионот во целина. За неколку недели го потпишуваме договорот со новиот изведувач, по што почнува градбата на железницата кон Бугарија, по чијашто реализација, двата народи и двете држави ќе имаат огромен број  просперитетни можности за меѓусебна соработка. Со ова започнуваме со реализација и остварување на тридецениската желба и потреба  на граѓаните, информираше директорот.

Тој рече дека оваа година Денот на железничарите го одбележуваат во работна атмосфера, потенцирајќи дека и денеска се испитува носивоста на железничките мостови со статичко и динамичко оптоварување и се прават најсовремени испитувања во соработка со професори од градежните факултети во Скопје и Љубљана, а со цел зголемување на сигурноста во железничкиот сообраќај.

– Мостот на кој се наоѓаме е пред железничката станица во Неготино. Токму затоа и оваа прес-конференција ја одржуваме на оваа локација, за да покажеме и докажеме дека безбедноста на нашите граѓани за нас е најважна. Овој  наш  празник го одбележуваме со јасно потврдениот интерес, за вредноста и перспективите на железничкиот сообраќај и за огромните придобивки кои лежат во потенцијалите на вкрстувањето на Коридорот 8 со Коридор 10, нагласи Локвенец.

Тој најави и дека наредната година ќе биде отворен Музеј на македонските железници.

– Ќе се отвори првиот Музеј на македонски железници, со цел достоинствено одбележување на Јубилејот 150-годишното постоење на македонски железници и основање на првиот историско-технички музеј во нашата држава, кој ќе функционира како составен дел на Јавното Претпријатие и вечно ќе сведочи за 150-годишната македонска железничарска историја, откри тој, честитајќи го празникот и како внук на железничар. 

MИА

]]>

Најнови вести

Најново од Македонија, Ударни вести