Љубовникот и фризер на Џорџ Мајкл, Фади Фаваз на Твитер напишал дека токму тој го нашол безживотното тело на британскиот музичар во креветот. Фади додал дека засекогаш ќе му недостасува.
Фади вчера објави „твит“ во којшто напишал дека го пронашол Џорџ во креветот во неговиот дом во Оксфордшир во текот на божникното попладне. Пејачот кој продаде повеќе од 100 милиони плочи во текот на речиси 40 години долгата кариера почина од затајување на срцето, објави неговиот поранешен менаџер Мајкл Липман.
– Викендот го поминавме заедно. Дојдов кај него во петокот и сè беше во ред. Во неделата требаше да одиме на божикен ручек, но не ми се јавуваше на телефон. Мислев дека спие. Отидов во куќата во Оскфордшир со намера да го разбудам. Телото му беше безживотно. Не знаеме што се случило. Не беше баш најдобро во последно време, но Џорџ многу му се радуваше на Божикот. Јас исто така. Никогаш нема да престане да ми недостасува – рекол скршениот Фади за британските медиуми.
„Никогаш нема да го заборавам овој Божик, го најдов својот партнер мртoв во креветот. Никогаш нема да престане да ми недостасува“, напишал Фади.
Како што пишуваат светските медиуми, Џорџ и Фади во врска биле од 2012 година, кога музичарот ја прекинал долгогодишната врска со Кени Гос, кого го опишал како љубовта на својот живот.
Додека кружат разни гласини за смртта на музичката легенда, неговиот поранешен менаџер инсистира дека не станува збор за сомнителна смрт. Полицијата смртта на Џорџ Мајкл ја третира како „необјаснива, но не и сомнителна“. Полицијата на имотот на Џорџ била повикана нешто пред 14 часот на Божик.
– За жал, 53-годишен маж е прогласен за мртов по доаѓањето на брзата помош. Во овој момент смртта ја сметаме за необјаснива, но не и за сомнителна – рекол портпаролот на полицијата.


