Иако постои врска меѓу нив, зголемената продажба на таблет компјутерите не е одговорна за падот на продажбата на персоналните компјутери.
Продажбата на персоналните компјутери (десктоп и лап топ компјутери) лани во светот падна 9,8 отсто, што е најголем забележан пад до тогаш, а според прогнозите на американскиот истражувачки центар ИДЦ и во 2014 година, може да се очекува идно намалување на продажбата и тоа за 6,1 отсто.
Како основна причина за пад на овој пазар, ИДЦ ја наведе послабата побарувачка на развиените земји. Во извештајот се вели дека пазарите на земјите во развој долго биле мотор на растот на продажбата на компјутери, но и овие земји се соочуваат со слабо економско опкружување, како и промена на приоритетите во доменот на технологијата. Според оценката на експертите, пазарот на персонални компјутери сепак очекува успорување на падот, така за 2018 година се предвидува пад од 0,2 отсто.
Доминација на Андроидот
Од друга страна, продажбата на таблет компјутерите порасна минатата година, а уредите со оперативен систем Андроид го престигнаа АјПад на Епл, на врвот на растечкиот глобален пазар.
Продажбата на таблет компјутерите порасна за девет милиони, а до сега се продадени 70,4 милиони.
Во меѓувреме, пазарниот удел на продадените нови таблет компјутери со оперативен систем Андроид порасна на 61,9 отсто во изминатата година, од 45,8 отсто колку што беше во 2012 година.
– Во 2013 година таблетите станаа модерен феномен, со голем избор на уреди темелени на оперативниот систем Андроид – вели директорката на истражувањето на истражувачката куќа Гартнер, Роберта Козза.
Многу аналитичари веќе одамна предупредуваат на тивка војна која се води меѓу сега веќе застарената технологија десктопот и лап топ компјутерите од една, како и таблет компјутерите од друга страна.
Сепак, таблетите и компјутерите не го делат пазарот ниту ќе се истребат меѓусебно, барем не во брзо време, смета директорот на Потрошувачката технолошка пракса Creative Strategies од Силиконската долина, Бен Бајарин.
Таблет за забава
– Од своите податоци, како и од податоците на многу други фирми кои го истражуваат пазарот, знаеме дека над 90 отсто од сите таблети се продадени на потрошувачи кои веќе поседуваат компјутери. А според апсолутно сите анализи кои ги имаме, тие таблети не се користат како замена, туку како дополнение на тие компјутери.
Додека персоналните компјутери и понатаму се прв избор во деловниот свет, таблетите доминираат во домен на забава, бидејќи најмногу се користат во вечерните часови, додава Бајарин.
– Кога ќе ги погледнете податоците за користење на таблетите, можете да забележите тренд дека тие уреди најмногу се користат во вечерните часови, додека персоналните компјутери се користат во текот на денот, т.е. во тек на работното време.
Гледајте го тоа вака: персоналните компјутери во текот на денот, а таблетите во текот на ноќта. Сигурно многу луѓе користат таблети во текот на денот, како за забава, така и за работа, но мислам дека тоа е релевантен тренд – заклучува тој.
Бајарин смета дека постои врска меѓу значајниот раст на продажбата на таблети и падот на продажбата на персоналните компјутери, но дека таа е сосема поинаква од борбата за потрошувачи.
– Доказите јасно покажуваат дека 2013 година е изгубена за персоналните компјутери. Тогаш се случи еден од најголемите падови на продажбата на пазарот кој имаше стабилен раст уште од првите години во 21 век. Верувам дека 2014 година ќе донесе голем проект на овој пазар и ќе изненади многумина.
Дел од логиката за ова лежи и во бројот на постарите модели на компјутери. Многумина ги користат четири и повеќе години, а ние проценуваме дека тој број некаде е од 300 до 350 милиони. Голем број на луѓе избегнува купување на нов модел на компјутер бидејќи купиле таблети со кои замениле дел од работата. Тие кои не ги обновиле своите компјутери за училиште, работа и слично, нема да можат да чекаат уште долго. Обновувањето на овој пазар доаѓа.
Пазарите на таблети и персонални компјутери се одвоени, но поврзани како нишка. Во годините кога не се обновуваат компјутерите, пазарот на таблети цвета, и обратно, заклучи Бајарин.
]]>


