Мајка осомничена за груба повреда на семејните обврски, OJO Гостивар бара притвор

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Повреда на семејни обврски, предвидено и казниво согласно член 203 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од Јавното обвинителство.

– Осомничената, во текот на 2021 година, со груба повреда на своите законски семејни обврски го малтретирала своето дете на возраст од 7 години, кое го врзувала со ланец и катанец за креветот. На 16 март, во станот во кој престојувало семејството избувнал пожар, a затоа што било врзано за креветот детето не успеало да го напушти домот и го загубило животот, информираат од гостиварското обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за 36-годишната осомничена. За наведеното кривично дело во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

Во меѓувреме, се уште се работи на утврдување на причините за пожарот. Останатите малолетни деца на осомничената се згрижени преку Центарот за социјална работа во Гостивар, посочија од ОЈО Гостивар.

МИА

]]>

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести