Не можеме да постигнеме сите да нѐ сакаат, но треба да постигнеме да никој не нѐ оспорува и во рамките на ЕУ да си влеземе како што сме, Македонци кои зборуваат македонски јазик и тоа е возможно, ние од тоа сме се воделе кога сме го правеле францускиот предлог, порача екс вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата „Само интервју“.
Затоа, додаде тој, мислам дека треба да се направи напор, ако не се прави тој напор тогаш треба да видиме што правиме, каде одиме.
„Не знам дали забележавте во извештајот на ЕП, кои се едни две точки каде што изразува загриженост ЕП, што не се врзани за Бугарија. Едната е гласањето на Македонија во ОН дека сме гласале наспроти државите членки на ЕУ. И второ дека постојат сериозни елементи во врвот на Владата кои ја промовираат идејата за српски свет. Тоа го пишува во извештајот. Не го измислувам. Тие две точки укажуваат на некои отстапувања од нашите да речам стратешки определби да бидеме добра членка на НАТО и ЕУ. Тие дилеми со тек на време ќе се зголемуваат и ние ќе треба да одговориме на граѓаните и на сите други, да дадеме искрен одговор ако сме за ЕУ – патот е тој, условите се тие нашите црвени линии се тие. Ама ако не влеземе во тој процес, тогаш треба да видиме кој е нашиот развоен модел. Дали ќе се базираме само на овие заеми што ни се даваат…“ заклучи Маричиќ.


