Марија Грубор: Пукнатини во ледот

 

Ви пренесуваме дел од колумната на студентскиот активист Марија Грубор за Радио Слободна Европа:

Во ред. Ќе ја прифатам поканата да бидам вашиот денешен херој; но само ако вие самите зачекорите во контурите на утрешниот. И со радост ќе послужам денес како ваша инспирација; но утре вие морате да постанете надежта на останатите.

Само, ве преколнувам, не кажувајте ми дека мене, обичен граѓанин како и секој од вас, ми ја предавате сета одговорност за нашата иднина. Не, не кажувајте ми дека сè уште чекате магија, сила надвор од самите вас која ќе ви ги извојува битките.

*

Нам, оние кои не успеавме да се задоволиме со студените остатоци од соништата, секојдневно ни велат оти оваа битка била изгубена уште пред да започне, и нашите крици се само излишен декор на младешката еуфоричност. „Законот ќе помине, деца, џабе ви е.“

Ваквиот дефетизам, гордо означен како реалистичност, би сакал да делува погубно за секоја личност која во себе носи неуништив порив за претање, растресување на вообичаеноста со која го прифаќаме животот како сила на која не може да се влијае. Та, дали вие истовремено се молите за чудо кое ќе ви ги истргне оковите од рацете, а потоа истото уште недоискажано го замолкнувате?

Оти, да проговориме без лажна скромност: ние, протестирачите, сме едно малечко чудо на оваа почва чија умствена плодност систематски се уништува. Светот е голем, и има многу почва за обработка; но ние можеме да си дозволиме искрено да се порадуваме на ваквите малечки чуда, дури и кога не ја потресуваат веднаш големата слика на зацементираниот поредок. Затоа што секој кој посветил доволна количина на труд во цели кои го надминуваат него самиот, знае дека секој чекор е важен, сè додека не сме престанале да се движиме.

О да, светот е голем, и допрва треба да се задрмаат закоравените еднонасочни столбови на моќта; но зар ви е малку ова, што во едно вакво време-невреме, искреноста и разумот размрдаа и обединија повеќе луѓе отколку што вообичаено можат да се купат со пари, манипулации и закани?

Во оваа необична ситуација на малечки чуда, во оваа земја во која синхронизацијата на многуилјадните студентски гласови беше настан достоен за прогласување за национален празник, во рамките на ова граѓанство ненавикнато на загарантирана непослушност, дали мислите дека за проценувањето на нашиот успех е најважно дали после неколку протести сме го добиле токму она што сме го барале?

Целата колумна прочитајте ја на Радио Слободна Европа на следниот линк.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести