За некои возачи, тешко би било да се исполни празнината по заминување од Ф1. Помеѓу тие возачи очигледно не припаѓа и Марк Вебер, поранешниот возач на Ред Бул, кој го најави крајот на својата Ф1 кариера порано годинава.
Триесет и седумгодишниот Австралиец својата кариера ја започна во далечната 2002 година, дебитирајќи на домашното Гран При, трката за Големата Награда на Австралија во Мелбурн. Започна возејќи за Минарди покрај Алекс Јунг. Наредната година се префрли во тогашен Јагуар, за да вози заедно со Антонио Пицониа, и подоцна Кристијан Клиен. Во 2003 возејќи со болидот на Јагуар, Вебер ја освои своајта прва пол – позиција. По две не толку успешни сезони во Јагуар, Вебер се префрли во Вилијамс, а по некое време, иако беше најавуван Џенсон Батон како негов нов тимски колега, местото го пополни Ник Хајдфелд.
Советуван од својот менаџер, Флавио Бријаторе, Вебер реши да не го продолжи договорот со Вилијамс, и во 2006 година веќе беше најавено дека наредната сезона ќе му се придружи на Дејвид Култхард во Ред Бул, каде и остана сè до крајот на својата Ф1 кариера.
„Се чувствувам некако ослободен што конечно тоа поглавје од мојата кариера е затворено. Долго време поминав во Ф1, но сега е време за нов предизвик. Не планирам во скоро време да се вратам на патеките – како набљудувач, секако. Можеби 2-3пати годишно, но не премногу. “ – се објасни Вебер.
Новиот предизвик за него е натпреварување во FIA World Endurance Championship, за тимот на Порше.
„Ќе ми недостига адреналинот и нивото на прецизност на Ф1 патеките, но секако тој дел од мене ќе гледам да го пренасочам на трките за Порше“. – се дополни Вебер.
Во својата Ф1 кариера, Вебер започна 217 трки, 13 од нив ги започна од пол – позицијата, на 9 победи, а последната сезона ја заврши на третото место во шампионатот со 199 бодови.


