Претпоследното слободно место за Светското фудбалско првенство 2014 го пополни селекцијата на Мексико откако утринава во реванш баражот, на гостувањето кај Нов Зеланд забележа победа со 4:2.
И пред почетокот на оваа средба немаше неизвесност околу вкупниот победник во оваа пресметка со оглед на високата победа од 5:1 што Мексиканците ја остварија на првиот дуел.
Мексико во реваншот поведе со 3:0 по само 33 минути игра со хет-трикот на Орибе Пералта, а стрелец на четвртиот погодок беше Карлос Алберто Пења во 87.минута. Головите за домаќинот ги постигнаа Крис Џејмс од пенал во 80.минута и Рори Фелон три минути подоцна.
Пласман на Мундијалот веќе обезбедија 31 земја: домаќинот Бразил, Аргентина, Колумбија, Чиле, Еквадор, Хондурас, Костарика, САД, Хондурас, Франција, Португалија, Грција, Хрватска, Холандија, Италија, Белгија, Швајцарија, Германија, Босна и Херцеговина, Русија, Англија, Шпанија, Нигерија, Брегот на Слоновата коска, Камерун, Гана, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја, Алжир и Иран.
Речиси сигурно последниот патник за Бразил 2014 ќе биде Уругвај кој пред реванш-баражот со Јордан на домашен терен има предност од 5:0.


