Металург се извини за инцидентот предизвикан од навивачите на Вардар

Ракометниот клуб Металург денеска преку соопштение упатено до јавноста се извини за непријатностите кои ги доживеаја навивачите сместени на трибината блиску до гостинските навивачи кои во првото полувреме имаа „блиска средба“ со полицијата.

– Поаѓајќи од фактот што на синоќешниот натпревар помеѓу Металург и Вардар бевме домаќини, чувствуваме одговорност и обврска да ви се извиниме поради некоректното однесување на дел од гостинските навивачи. Иако за овој натпревар организациски се подготвувавме подолг период, обезбедувањето и другите безбедносни органи во салата не успеаја да се справат со ситуацијата. И покрај тоа што ги имаше во огромен број, останаа неми набљудувачи кога таквите навивачи малтретираа граѓани што уредно си купиле влезница за натпреварот, стои во соопштението на Металург.

Клубот од Автокоманда изразува надеж дека во иднина нема да се повтори ситуацијата лицата со купени сезонски билети да бидат избркани од своите места.

– Ракометниот клуб Металург ветува дека, како и секогаш, и овој пат ќе најде начин да им се оддолжи на своите верни навивачи и дека во иднина ќе дадеме се од себе ова да не се повтори, изјавуваат од Металург.

Натпреварот Металург – Вардар одигран синоќа во СЦ Борис Трајковски заврши со победа на Вардар 27:22. Во првото полувреме имаше мал инцидент на трибината каде што беа сместени „најжешките“ навивачи на Вардар. Натпреварот две-три минути беше во прекин, а по интервенцијата на полицијата средбата продолжи и до крајот немаше други посериозни инциденти.

Најчитани вести