За само една година Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори за вкупно 267 централи Станува збор за инсталиран вкупен капацитет од 152.2 MW од обновливи извори на енергија за 2022 година, што е еднаква на три стратешки енергетски капацитети кои државата ги градела со години а тоа се ХЕЦ Козјак, ХЕЦ СВ Петка и ветрениот парк Богданци.
Со инсталираниот капацитет што е изграден за само една година може да се задоволат потребите на 65 700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија.
-„Ако имаме во предвид дека станува збор за комплексен процес чија крајна цел е вклучување во електроенергетскиот систем на новиот производствен капацитет, со овие бројки кога ја сумираме годината се покажува дека практично секој работен ден за по една нова централа сме го заокружиле процесот за издавање на лиценца, што е потврда за мобилноста, стручноста и целосната ангажираност на вработените во РКЕ “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.


