Моите деца го осознаваат светот со сознанието дека нивната мајка голем дел од времето е на протести, пишува статуси, зборува за слобода на мислата, зборува за разочуравањата од нејзините блиски пријатели. Моите деца знаат дека мајка им не може никогаш да остане рамнодушна на беспомошни сиромашни, немоќни и болни луѓе, но тоа што никогаш нема да прифати е молк и коленичење за парче леб, столче, фотеља, кариера. Моите деца гледаат како нивната мајка не е среќна, но не е ниту депресивна и несреќна, а е полна енергија, која тие би сакале да ја имаат за себе најмногу, но ја немаат. Моите деца немаат мајка што длабоко во себе би сакале да ја имаат, затоа што не е обична. Не се шминка, не се дотерува, не става кармин, не ја интересира облека, не размислува каде ќе оди на викенди. Не игра повеќе во театар затоа што нема улога која може да ја предизивика повеќе одошто нејзината лична борба на улиците против мафијата на власт, но и затоа што согорува до крај во неа во се што прави. Нивната мајка не игра на филм зашто е преголем залак за голем дел од режисерите, кои одамна престанаа да веруваат во филмови во кои светот би можел да се види, собираат само пари, а во неа гледаат повеќе проблем и актер со кој нема да знаат што да прават. Но моите деца умеат да го распознаат доброто од злото, имаат свој став за секоја работа, не се фрикови за учење, го прават тоа што го сакаат. За жал немаат “обичен и мирен” живот во кој режимот од многу мајки е прифатен како нешто сосем нормално или дури и добро. Моите деца нема да бидат запослени со врски и нема да инсистирам ( повеќе ) да бидат со петки и факултети, да си го гледаат својот газ, да бидат итри и снаодливи – зашто тоа човекот не го прави ниту подобар, ниту похуман, ниту потребен на овој свет. Моите деца сакаат животни и не поднесуваат неправди врз луѓе. Моите деца чувствуваат жал за послабите и немоќните, и зборуваат за тоа често. Но тие се неверојатно силни и издржливи и умеат да проценат состојба. Знаат кои се и што сакаат. Тие се љубопитни, искрени и чесни. Фантазираат неизмерно, но знаат точно во каков свет живеат. Премногу имаат искусено за нивни години, со мајка како мене и од светот и од идеите. И тоа што често не ги разбирам и не ги прифаќам нивните луди и несоодветни размислувања е само доказ дека се на добар пат. Далеку сум од идеална мајка, но барем тие имаат комплетно право на свој избор и свој живот.


