Менаџерот на премиерлигашот Челзи Жозе Мурињо денес изјави дека тимот игра се подобро затоа што играчите почнаа да ги разбираат неговите тактички замисли.
Челзи синоќа го победи Саутемптон со 3:1 и се зацврсти на 2.место на табелата во Премиер лигата веднаш зад Арсенал кој е лидер со 31 бод.
– Се гледа дека одиме напред чекор по чекор. Моите играчи почнуваат да ги сфаќаат моите барања. Некои се адаптираат побрзо од останатите. Важно е фудбалерите да почувствуваат колкава е одговорноста да се игра за Челзи.Не смее да се случи Челзи уште во декември да испадне од трката за титулата, изјави Мурињо за клупската веб страна.
„Специјалниот“ по вторпат во неговата тренерска кариера е предводник на „сините“ од Лондон. Во првиот негов мандат на „Стемфорд Бриџ“ освои шампионски титули во 2005 и 2006 година.
Челзи под водство на Мурињо добро игра и во Лигата на шампионите каде веќе обезбеди учество во осминафиналето.


