Портпаролоката на СВР Скопје, Лиза Бендевска, во изјава за Либертас рече дека кај нив немало пријава за силување.

Претходно, доцна синоќа мајката на 20-годишната Стефани која вчера препладнето се фрли од кров на зграда во скопски Аеродром низ солзи изјави дека нејзината ќерка завчера вечерта била силувана од таксист па тоа ја натерало да се самоубие.

Од СВР Скопје ни изјавија дека телото е предадено на обдукција.

Либертас стапи во контакт и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој ни изјави дека веќе побарал да биде информиран за случајот и дека ќе ја извести јавноста за истрагата за овој трагичен случај.

Инаку, доцна синоќа мајката се јави во Либертас и низ солзи побара да биде објавено нејзиното сведочење за трагедијата на нејзината ќерка. Контактот го оствари преку заедничка пријателка.